Аргентина, предводена од Лионел Меси успеа да ја совлада Нигерија со 2-1 и да се пласира во осминафиналето на фудбалското Светско првенство (СП) во Русија и ќе игра со Франција в сабота во Казањ. За пласманот на „гаучосите“ во следната рунда заслужни се и Хрватите што го победија Исланд со идентични 2-1. Следен противник на Хрватска е Данска.
Меси блесна кога беше најпотребно, го постигна водечкиот гол за Аргентина, која и на овој натпревар играше бледо, неповрзано и безидејно. Потоа Хавиер Масчерано направи почетнички потег во 51-та минута, влечеше еден противнички играч во 16-те метри, по што турскиот судија Чакир досуди пенал што во израмнувачки гол го претвори Виктор Мозес. Во 86-та минута, Маркос Рохо го постигна вториот гол за Аргентинците за нивна голема радост, како да ја освоиле титулата.
Аргентина четврти пат едноподруго, од СП 2006, 2010, 2014 и 2018-та е во нокаут-фазата, а Нигерија третпат на последните четири настапи на СП (2002, 2008 и 2018) е елиминирана по натпреварите во групната фаза. Голот на Меси во 14-та минута беше 100-ти на ова СП. На СП 2014 Бразилецот Нејмар го постигна 100-от гол, а на СП 2010 тој беше дело на Шпанецот Андрес Иниеста.
Меси е третиот аргентински фудбалер што постигнува гол на три СП, по Диего Марадона (1982, 1986 и 1994) и по Габриел Батистута (1994, 1998 и 2002). Меси има шест гола на СП, од кои три против Нигерија.
Селекторот на Аргентина, Хорхе Сампаоли по загубениот меч од Хрватска (0-3) направи пет измени во составот, кој на дуелот со Нигерија беше највозрасниот во фудбалската историја на Аргентина, со просечна возраст од 30 години и 189 дена.