При евидентирање на загрозените животни се користат пет категории, кои се движат од оние што се во најмала опасност до критично загрозените видови
По последната евиденција, најверојатно, околу 600 животински вида се погрешно наведени меѓу оние на кои не им се заканува истребување, велат резултатите од најновото истражување.
Според податоците на експертите што го составуваат Црвениот попис на загрозени видови, од самиот почеток за загрозени се сметаат повеќе од сто животни.
До тие загрозени видови е невозможно да се допре, а сега ќе почнат да се вбројуваат во категоријата „пред истребување“ доколку наскоро не се преземат потребните неопходни мерки за нивно зачувување.
Научниците развија сосема нов метод за евиденција на загрозените видови, кој се темели на софистицирани статистички модели, чија цел е да се процени статусот на видовите за кои нема доволно податоци.
Меѓу мистериозните видови за кои се смета дека се изложени на висок ризик од изумирање е птицата „левинија марифика“ од семејството на барски птици, која ретко се среќава на Филипините или на Тајланд. Меѓу мистериозните видови се и стотина животни што порано се сметале за сигурни, како црвеноградиот папагал или етиопскиот шарен глушец, кои најверојатно исто така ќе се најдат на листата на загрозени.
– Досегашните податоци од истражувањето укажуваат на потребата од итна нова процена на сегашниот статус на животински видови на Црвениот попис – вели Лука Сантини, еколог од холандскиот универзитет „Радбоунд“, кој го води истражувањето.
Меѓу актуелните методи, кои Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) ги користи при составувањето на Црвената листа, е вклучување специјализирани научници, кои на доброволна база го проценуваат статусот на дивите животински видови.
Периодов се работи на нова стратегија. При евидентирањето на загрозените животни се користат пет категории, кои се движат од оние што се во најмала опасност до критично загрозените. Често податоците што ги користат научниците се неточни. Најчесто причина за тоа е фактот што никој досега прецизно не проучи одредени животински видови што живеат во мошне оддалечени и тешко пристапни подрачја.
Поради тоа одредени видови погрешно се класифицираат или воопшто не се проценуваат, па за нивниот статус се знае многу малку или речиси ништо.
Во соработка со водечките светски научници што ги проучуваат птиците и цицачите за Меѓународната унија за зачувување на природата, доктор Сантини осмислил сосема нова стратегија, користејќи дополнителни податоци, за да се добијат сеопфатни резултати. Стратегијата опфаќа информации за тоа на каков простор престојуваат животните и нивната способност да се приспособат на загрозените живеалишта.
Притоа е важно да се евидентираат делови од животинскиот и од растителниот свет што се сѐ уште непознати.
Доктор Сантини се надева дека новата стратегија ќе се искористи како систем за рано предупредување и ќе укажува на кои видови им е неопходна заштита, односно на кои им се заканува истребување.
Резултатите од истражувањето наскоро ќе бидат објавени во списанието „Конзервејшн биолоџи“.
Точни податоци за соодветна заштита
Црвениот попис на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) што ги брои загрозените животински и растителни видови е воведен во 1963 година. Тој е најсеопфатен попис од ваков вид. Го опфаќа глобалниот статус за заштита на растителните и животинските видови. Составен е по точни критериуми што ги земаат предвид опасностите од изумирање на илјада видови и подвидови. Овие критериуми се релевантни за животинските видови во целиот свет.