Истакнатиот поет за деца Наум Попески, автор на околу 20 книги за најмладите читатели, како и на првиот бонтон за деца во земјава, е добитник на гран при, како и на наградата за животно дело за севкупното творештво, што трае над пет децении.
Наградата му ја доделија петнаесетина книжевни литературни манифестации од нашава земја, меѓу кои се: „Поезија за душа“, „Најубава проза“, „Интернационална поезија“, „Прозно перо“, „Поетска гала“, „Македонска лирска поезија“, „Млади творци поезија-деца“, „Млади творци проза-деца“, „Охридски бисер на поезијата“ и други.
Наум Попески целиот работен век го мина како новинар во весникот „Нова Македонија“, каде што беше и уредник на печатениот додаток за деца „Колибри“, на чиј страници и денес можат да се прочитаат неговите песни.
– Убаво е чувството кога она што го работиш цел живот, посветено и со љубов, допира до оние на кои им е наменето. Оваа награда ми е особено драга, бидејќи не ја очекував, а се состои од еден убав сувенир со мојот лик и убаво отпечатена плакета – вели Попески.
Попески е застапуван во сите читанки по македонски јазик за основно образование, преведуван е на повеќе балкански јазици, застапуван во повеќе антологии на поезијата за деца, како и учесник на многу меѓународни литературни манифестации за деца во земјава и во регионот. Тој е член и на Здружението на новинарите и на Друштвото на писателите на Македонија.
Летен распуст
Едно мое другарче
денеска ми вели:
– Јас не сакам одмор
три месеци цели!
Ќе остане школото
без детскиот глас,
а ѕвончето нема
да ѕвони за час.
Па затоа еве,
давам чесен збор,
јас често ќе одам
во школскиот двор.
Наум Попески