На Бадник 1781 година, на дворот на Јозеф Втори се одржал несекојдневен натпревар. За да ги восхити своите гости, австрискиот император ги поканил двајцата најголеми пијанисти од тоа време, Волфганг Амадеус Моцарт (1756-1791) и Муцио Клементи (1752-1832), да си ги одмерат силите. Ниеден од нив не знаел дека другиот ќе настапи таа вечер, ниту пак знаеле дека, всушност, ќе се натпреваруваат. Но предизвикот бил навистина примамлив, па двајцата со задоволство го прифатиле.
Натпреварот го отворил Клементи со својата соната во Бе-дур. Моцарт започнал со дванаесетте варијации на тема во Це-дур. Потоа обајцата свиреле разни делови од повеќе сонати за пијано, а во третата рунда завршиле со едноставна тема што требало да ја развијат, односно да импровизираат во моментот додека свиреле.
Интересен бил овој натпревар. И неблагодарен за оценување, бидејќи Моцарт и Клементи имале целосно различен пристап кон пијанизмот, различни карактеристики како интерпретатори, а и различни способности како композитори, што особено дошло до израз во третиот дел од натпреварот. Неговото царско величество Јозеф Втори мислел дека и двајцата натпреварувачи биле на висина на задачата и дека биле еднакво добри, па крајниот резултат бил нерешен. Така, овој необичен натпревар останал без победник. Натпреварувачите си подале рака, честитајќи си еден на друг, зашто секој од нив сметал дека другиот е победник. Клементи изјавил дека никогаш не чул некој да свири со таква милост и со толку дух, а Моцарт се восхитил од техниката на Клементи. Двајцата „победници“ не се сретнале никогаш повторно. Но нивните патишта се вкрстиле преку музиката. Десет години подоцна, Моцарт се присетил на сонатата со која Клементи го започнал натпреварот и ја искористил како инспирација за својата опера „Волшебната флејта“. Успехот и популарноста на операта биле огромни. Клементи морал во следните изданија на Сонатата да става забелешка дека темата е негова, зашто сите мислеле дека Клементи ја „позајмил“ од Моцарт.
Лада Шоптрајанова Петровска