Музејот на градот Скопје гостува во Црна Гора, по повод 70-годишнината на Музеи и галерии на Подгорица, со изложбата „Темната страна на Римската Империја“, која опфаќа предмети од гробницата со масовно погребување Скупи. Изложбата и каталогот се реализирани со финансиска поддршка на градот Скопје, а во соработка со Археолошкиот музеј на Македонија, Институтот за судска медицина – Скопје и Музеи и галерии на Подгорица.
На изложбата се презентирани резултатите од истражувањата на едно исклучително и несекојдневно откритие од Југоисточната некропола на римската колонија Скупи.
Станува збор за масовна гробница во која биле погребани околу двесте возрасни мажи, некогашни храбри војници, припадници на непобедливата римска воена камарила, од кои повеќето биле насилно усмртени, најчесто со обезглавување на жртвите. Изложбата на некој начин претставува пионерски потфат како во однос на мултидисциплинарниот пристап поради паралелната примена на археологијата, физичката и форензичката антропологија, така и поради мултимедијалниот начин на презентација со примена на повеќе класични и современи уметнички дисциплини: фотографија, видео, дводимензионални и тродимензионални реконструкции на лицата.