По 18-ти пат во центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп неодамна се одржа интернационалниот детски музички фестивал „Ѕвездички“. Неколку дена годинашните учесници од Македонија, Русија, Украина, Србија, Унгарија. Хрватска, Казахстан и Црна Гора се дружеа, се запознаваа меѓу себе, создадоа нови пријателства. Но и двапати настапија на полуфиналната и финалната вечер, претставувајќи се во вистинско издание и исполнувајќи ја својата композиција.
За сите имаше понекое признание, но гран прито отиде во рацете на Милеја Станкевичиуте од Романија, која се претстави со композицијата „Ќе те задржам“. Не помалку успешни беа и Украинката Шорена Такаландзе („Јас имам 11“), Русинките Златослава Баранова („Радосен ден“) и Дарија Поздеева („10.000 лајкови“), Србинката Бојана Срдановиќ („Сакам да љубам“) и македонската претставничка Ени Анжиќ („Нека зборат“), кои ги освоија првите места во една од трите категории на фестивалот.
Победничката не го криеше своето задоволство од освоената награда, како и сите други учесници, кои гордо се фотографираа со своите признанија. Некои од нив учествуваа по вторпат. Сите во еден глас за „Колибри“ рекоа дека ако имаат можност, повторно ќе дојдат во Прилеп, бидејќи не само што им се допаѓа фестивалот туку и дружењето, но и знаменитостите на градот.
И ова издание на детскиот музички фестивал, кој е вистински бренд во Македонија, организиран од „Естрада мултимедија центар“, донесе нови хитови што долго ќе се паметат. Годинава фестивалот стана полнолетен. Цели 18 години е креатор на детската музичка сцена во Македонија, на што особено се гордее директорот Марјан Катароски. Ка.М.