Без четворица ракометари од стандардниот состав, Металург ѝ даде одличен отпор на искусната и комплетна екипа на хрватскиот вицепрвак Нексе, кој победи во Скопје со 32-27 во меч од третото коло на Регионалната лига

Ракометарите на Металург прокнижија уште еден пораз во новата сезона на Регионалната лига, откако во мечот од 3-то коло десеткуваниот тим од „Автокоманда“ беше поразен во Скопје од хрватскиот вицепрвак Нексе со 27-32 (12-16).

Без довчерашниот капитен Филип Кузмановски, кој замина од Металург, и без повредените Мартин Велковски, Томислав Јагуриновски и Марио Танкоски, кој, пак, се повреди во почетокот на натпреварот со Нексе, младите металурзи ѝ дадоа одличен отпор на искусната и комплетна екипа на хрватскиот вицепрвак, кој бележи одличен почеток на годинашната сезона со максимални три победи во три натпревари.

Нексе беше тој што го диктираше темпото на играта, но младите металурзи во повеќе наврати покажаа дека имаат квалитет да се носат со далеку повозрасни и поискусни противници од себе.

– Им честитам и на моите момци за максимумот што го дадоа, пред сѐ поради фактот што на овој натпревар моравме да се потпреме само на осум-девет играчи. Правевме и некои непотребни грешки во обид да излезе нешто подобро, но кратката клупа за ротација на ракометарите ни зеде данок. Наша беше идејата да играме брза игра, но не можевме да одиграме така. Моравме да играме бавни напади, не можевме да се наттрчуваме со противникот, на кој тоа му одговараше. Поискусни се и малку физички посилни од нас, но, сепак, би им честитал на моите момци, одиграа на високо ниво. Кога би биле во комплетен состав, со доволно играчи за ротација сигурен сум дека многу поинаков би бил конечниот исход, не само на овој меч, туку и на следните натпревари – изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург.

Халил Јагањац и во овој меч беше најдобар стрелец кај Металург со седум гола, исто колку и младиот Мартин Серафимов, а по пет реализации запишаа Димитар Димитриоски и Анте Токиќ. Кај Нексе, пак, прв стрелец беше Саша Баришиќ Јаман со осум постигнати гола.

Следен предизвик за младиот тим на Металург ќе биде гостувањето кај Спортинг во Лисабон (Португалија) во 1-то коло на новата сезона во Лигата на шампионите (сабота, 18.30 ч.), а во Регионалната лига идната среда Металург треба да му биде домаќин на босанскиот првак Извиѓач. 


Нов рекорд на Вардар

Ракометарите на Вардар не дозволија изненадување на гостувањето во Словачка во Регионалната лига. И покрај силниот отпор на ракометарите на Татран Прешов „црвено-црните“ славеа минимално со 27-26 (13-10), и ја продолжија серијата од 29 победи во низа во регионалното натпреварување. Македонскиот првак Вардар останува најуспешниот тим во Регионалната лига со 114 победи во 147 натпревари. Ова беше 10-та победа едноподруго за Вардар во дуелите со Татран.
Следен предизвик за избраниците на Роберто Гарсија Парондо ќе биде саботното гостувањето кај актуелниот европски првак Монпелје во меч од 1-то коло од Лигата на шампионите, а во Регионалната лига во вторник вардарци треба да го пречекаат романскиот дебитант Стеауа од Букурешт. Та.Д.