По првите две кола само Турција забележа две победи, а во балканска конкуренција Македонија е втора со четири бода. Црвено-жолтите само уште еднаш досега во квалификациите имале ваков почеток, во циклусот за СП 1998
Македонската фудбалска репрезентација е на второто место меѓу земјите од Балканскиот Полуостров, по првите две кола од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година. Црвено-жолтите освоија четири бода, а подобар скор има само селекцијата на Турција, со двете победи за шест бода и без примен гол (вкупна гол-разлика 6-0).
Македонија минатата недела прво дома ја победи Летонија со 3-1, а потоа ремизира на гости кај Словенија, 1-1. Со по четири бода, како и Македонија, по две кола, се и репрезентациите на Грција и на БиХ. Светскиот вицешампион Хрватска има три бода, а на последното место на оваа необична табела е Црна Гора со еден бод и вкупна гол-разлика 2-6. Од 12 балкански репрезентации 10 одиграа по два меча, а по еден имаат Косово и Србија (нивните групи се со по пет репрезентации).
Фудбалската селекција на Македонија само уште еднаш досега во квалификации за светските или за европските првенства имала ваков ефект, без пораз по првите две кола и со четири освоени бода. Тоа се случи во квалификациите за пласман на Светското првенство во 1998 година, кога прво во Скопје во април 1996 година беше совладан Лихтенштајн со 3-0, па во јуни се одигра нерешено со Исланд, на гости, во Рејкјавик, 1-1.
Избраниците на селекторот Игор Ангеловски во следното коло во групата Г треба да играат со Полска, во Скопје, на 7 јуни, а три дена подоцна одново на свој терен е предвиден и дуелот со Австрија.
Собрани бодови за скок од две до три места на листата на ФИФА?
За победата со Летонија репрезентација на Македонија заработи 7,3 поени за идната ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА), а ремито со Словенија, според специјализирани сајтови за пресметки на поени за ова рангирање, вреди 0,1 поен.
Така, вкупно Македонија по првите две кола од квалификациите за пласман на Европското првенство в година е во плус од 7,4 поени. Новото вкупно бодовно салдо може да значи скок од 2 до 3 места на листата на ФИФА, секако, во зависност од резултатите на селекциите со приближен пласман и бодови како црвено-жолтите. На февруарската листа Македонија има 1.343 поена и е на 71-то место.
Следната ранг-листа ФИФА треба да ја објави на 4 април.