А Дедал дури по својата смрт е прогласен од сонародниците за херој, полубожество. Во 432 година пред н. ера, атенскиот суд казнува еден скулптор зашто се осмелил на штитот на Атена Партенос да го прикаже својот автопортрет во ликот на Дедал.
Скулпторот е Фидија лично, „првиот, најголем уметник на сите векови што му претходеа и на оние по него“, како што го отсликува Хелдерлин, кој и самиот со устрем да одлета до горниот свет на чистото, вечно создавање, икаровски ќе падне во „вашиот понизен Скарданели“, доброволниот заточеник во кулата без излез (наместо Минотаурот, чуварот беше добродушниот столар, но портата кон светот засекогаш заклучена).
Како што пишува на едно место во „Упанишадите“: „Од смртта одведи ме до бесмртноста“. Но, да му се вратиме на Дедал. Како еден ист човек може да биде архитект и на лавиринтот и на летот? Од каде темниот жртвеник (каде што шансите да се избегне од најужасната варијанта на Танатос, да се биде храна во желудникот на друго живо и не баш привлечно суштество се мерат со илјадити процент) да биде дело на истиот Мајстор што со летот ја остварува најеротската желба на човекот – да се биде недофатливо слободен!
Сепак чинот си има своја причина, и тоа не само една – Дедал беше убеден, како и мнозинството уметници од повисок и понизок ранг, дека е предодреден да создава чуда! Дека и еросот и танатосот се во служба на создавање на чудата! Но, за разлика од другите, неговата уметничка кариера, од почетоците до крајот, е преполна со докази за таква врвна уметничка вештина. Тој беше прв од скулпторите што, како некој чукундедо на Микеланџело, направи неговите кипови да прогледаат и да почнат да се движат. Пред тоа, киповите имаа затворени очи, а рацете и нозете им беа вкочанети. Тој направи каменот да гледа и да оди. Рендгенски се вовлече во него и му ги дарува сетилата. Сето она што во Дедаловата младост беше грешно – славољубивоста, егоизмот, убиството на Тал поради завист – дојде поради раното осознавање на неограничената моќ од спојот талент + techne. Смртта на Икар го снајде татко му во неговата зенитна уметничка зрелост, но средовечниот гениј имаше пред себе уште долго време за да ја прифати ужасната животна лекција и конечно да стане несебичен учител што со љубов ќе го дарува знаењето свое…