Од Министерството за внатрешни работи велат дека во однос на заштитата на вредните предмети, кога заминуваат од својот дом граѓаните треба да бидат особено внимателни и да не оставаат впечаток дека не се дома, односно да не го објавуваат своето отсуство на социјалните мрежи. Своите вредни предмети треба да ги заштитат во банкарски сефови, да инсталираат алармни уреди и безбедносни камери и сл. Тоа се дел од советите што полициските службеници во рамките на реализираните, а и планираните кампањи им ги потенцираат на граѓаните

ТОПЛОТО ВРЕМЕ И ЛЕТНИТЕ ОДМОРИ ГИ ОТВОРААТ ШИРУМ ВРАТИТЕ (И ПРОЗОРЦИТЕ) ЗА КРАДЦИТЕ

Летниот период речиси секогаш носи карактеристика на зголемен број кражби. И тоа не е така само кај нас туку насекаде во светот. Светските научници дури посветиле и истражување за тоа зошто во летниот период расте криминалот. Дали причина за тоа се одморите и празните домови, паркираните возила со вредни предмети на плажите, или, пак, бројот на т.н. „згодна пригода“ за криминалните умови во летните месеци се зголемува, останува енигма. Сепак, факт е дека бројката на криминал расте во жешките летни денови.

ЗОШТО НАУКАТА ТВРДИ ДЕКА ЖЕШКОТО ВРЕМЕ Е ИДЕАЛНО ЗА КРАЖБИ

Со порастот на температурата во летниот период, расте и бројката на криминални дела. Истражувањата покажуваат дека ограбувањата на празните домови на луѓето што заминале на одмор во летниот период се зголемува за 10,5 проценти. Постојат неколку теории за тоа која е причината поради која во летниот период расте бројот на криминалните дела.
Најчестите видови криминал во летниот период се кражбите во домовите на луѓето. Причина за тоа најчесто се отворените прозорци и поминувањето многу време надвор од домовите. Криминалците се опортунисти, па овие пригоди им доаѓаат доста добро.
Објаснувањата се доста едноставни. Според истражувањата, како што растат температурите, луѓето не се чувствуваат комотно. А токму тоа ја зголемува агресијата кај луѓето, што води до агресивно и криминално однесување.
Истражувачите на една американска студија потврдиле дека налето многу е поголема веројатноста да се настрада од насилство, силување и ограбување.
Сепак, истражувачите успеале да докажат дека во летниот период најмногу се реализираат грабежи на домови. Во оваа студија, грабежите на домови се почести за 11 проценти отколку во другите годишни времиња, повторно како последица на користењето на годишните одмори.

ГРАЃАНИТЕ ДА СИ ГИ ЗАШТИТАТ ДОМОВИТЕ

За оваа тема, од Министерството за внатрешни работи велат дека Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи во Скопје има реализирано низа кампањи за информирање на граѓаните за превенција од имотните деликти, односно како да го заштитат својот дом од кражби.
– Единствено што треба да направат граѓаните доколку забележат провала во дом, треба веднаш да пријават на 192 или во најблиската полициска станица – информираат оттаму.
Од МВР додаваат дека во однос на заштитата на вредните предмети, кога заминуваат од својот дом граѓаните треба да бидат особено внимателни и да не оставаат впечаток дека не се дома, односно да не го објавуваат своето отсуство на социјалните мрежи. Своите вредни предмети треба да ги заштитат во банкарски сефови, да инсталираат алармни уреди и безбедносни камери и сл. Тоа се дел од советите што полициските службеници во рамките на реализираните, а и планираните кампањи им ги потенцираат на граѓаните.

– Основната правна рамка на кражбите е предвидена во Кривичниот законик, во главата за кривични дела против имотот, меѓу кои членот 235 „Кражба“ и членот 236 „Тешка кражба“. Во согласност со статистичките прегледи, во временскиот период од јуни до август 2020 година, на подрачјето на СВР-Скопје се регистрирани вкупно 261 кривично дело кражби и тешки кражби. Од нив, 15 се регистрирани како кривично дело „кражба“, дело што е казниво по членот 235 од КЗ, додека десет дела се извршени во куќа, а пет дела се извршени во стан. Преостанатите 246 се регистрирани како кривично дело „тешка кражба“, дело што е казниво по членот 236 од КЗ, додека 133 дела се извршени во куќа, а 113 дела се извршени во стан.
Во рамките на годишната програма, Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи во Скопје реализира средби со граѓани во месни и урбани заедници. Ваквите активности се насочени кон превенција од имотни деликти, со едукација на граѓаните за поголема грижа и внимание како за личната безбедност, така и за безбедноста на имотот – потенцираат од МВР.

[email protected]