Порано фотографирањето на изложби беше забрането, во денешно време тоа е дури и пожелно. Па зошто тогаш постои толкав снобизам во однос на оваа тема?
Додека студирал историја на уметност, за време на едно предавање, на Том Емери од галеријата „Тејт Ливерпул“, туторот му рекол дека ако сакаме да фотографираме во уметничка галерија, подобро ќе биде наместо дозвола, да побараме прошка од вработените. Подоцна, кога почнал да работи по разни галерии, секогаш се чувствувал лошо кога посетителите ќе го прашале дали може да се фотографираат до некое славно дело, затоа што морал да даде негативен одговор…
– За среќа, работите оттогаш се сменија, барем што се однесува до британските галерии и музеи. Личното фотографирање не само што е генерално дозволено, туку и се охрабрува. Сепак, се прашувам дали се отиде од една крајност во друга. Неодамна за оваа тема најжестоко се дебатираше на социјалните мрежи. Паметните телефони го направија фотографирањето достапно речиси за сите, додека, пак, социјалните мрежи овозможија секојдневна промоција на лични фотографии. Како таков, мобилниот телефон стана неизбежен декор во секоја галерија, факт што исклучително им пречи на некои луѓе – вели Емери во текст за престижниот „Гардијан“.
Според него, не е тешко да се разбере зошто телефоните може да влијаат иритантно врз околината. На некој начин, тие со ѕвонењето асоцираат на немарност, укажуваат дека нивниот сопственик не посветува доволно внимание и не го доживува вистински она што се наоѓа пред неговите очи. Понекогаш употребата на мобилен може да изгледа и крајно навредливо.
– За време на едно неодамнешно отворање изложба, бев принуден итно да им се тргнам од патот на двајца посетители, кои вршеа директен пренос од своето присуство преку личните профили на Инстаграм. Очигледно беше дека очекуваат од сите други да се приспособат кон она што го правеа тие – раскажува Емери.
Настрана од ваквите екстреми, телефоните се многу лесна цел за противниците на интернет-фотографите. Се чини дека критиките на нивната употреба потекнуваат од елитизмот и неговата перцепција за тоа кому му е наменета уметноста и како треба да се доживува таа. Идејата за прогон на телефоните од галериите е поврзана со очекувањето дека ако сакате да се поврзете со уметноста, треба да следите некои непишани правила на културно однесување. Со други зборови, ако не знаеш да се однесуваш убаво, тогаш уметноста не е за тебе. Но уметноста би требало да биде достапна за секого, па токму затоа, уметничките галерии мора да се приспособат во светот на нови доживувања и искуства. Овие доживувања не мора секогаш да бидат особено впечатливи.
Уметноста и начинот на кој ја доживуваме се манифестираат на најразлични начини: моќна емоција, провокација за размислување, хумор, а честопати и чувство на здодевност. Некои луѓе сакаат да ја доживеат во тишина, други, пак, имаат потреба динамично и гласно да ја коментираат. Многумина ќе посакаат да направат фотографии и да ги објават на социјалните медиуми. Она што е важно за уметноста е само дека ја доживувате, а не е важно како го правите тоа. За голем дел од нас, фотографирањето на уметноста е природно продолжение на првичното доживување. Се разбира, факторите како што се безбедноста за луѓето и самата уметност треба да бидат земени предвид, но со наметнување строги правила за тоа како треба да се однесуваме на уметнички изложби, ние всушност велиме дека некои луѓе се помалку добредојдени од другите.
– Покрај тоа, фотографии се прават од најразлични причини. Ова го велам како редовен посетител на галерии и вообичаен фотоаматер. Честопати правам огромен број фотографии што ме потсетуваат на настанот: мал детаљ од некое уметничко дело, парче од натпис на ѕидот, сѐ она што ќе го привлече моето внимание. Ова ми е од голема помош ако пишувам нешто, но понекогаш фотографиите се само за мое лично задоволство. На некој начин, самиот чин на фотографирање ми помага да се сетам на нешто, можеби затоа што станува збор за некоја активна ситуација, иако во нормални околности, гледањето уметност е типично пасивно искуство. Кога бев во посета на Музејот на модерна уметност во Њујорк, се најдов пред уметнички творби за кои дотогаш само бев читал, како на пример, „Госпоѓиците од Авињон“ на Пикасо и „Ѕвездена ноќ“ на Ван Гог – дела за кои мислев дека никогаш нема да ги видам во реалниот живот или оние што можеби никогаш повеќе нема да ги видам. Бев среќен што имам шанса да ги фотографирам. Работите не се секогаш толку драматични, но јас и понатаму фотографирам заради лично задоволство, а неретко овие фотографии завршуваат на мојот Твитер или Инстаграм. Социјалните медиуми ни даваат на сите нас можност за слободно изразување на мислењето, па во таа насока, чинам дека фотографиите му даваат вреден контекст на нечие мислење. Генерално, не фотографирам единствено тогаш кога некоја изложба не ми оставила никаков впечаток – објаснува Емери.
Најчестиот аргумент против фотографирањето во галерија или музеј е дека наместо него, треба да си купите разгледница или каталог, но каталозите може да бидат исклучително скапи, особено откако сте платиле висока цена за влезниот билет. И покрај тоа што разгледниците се релативно евтини, им недостига природниот шарм на нешто што сте го направиле самите за себе. Клучниот збор тука е „самите за себе“, кога фотографирате уметничко дело, на некој начин тоа станува нешто ваше, нешто што ви припаѓа вам. Оттаму, освен што ја гледате сликата на Ван Гог, сега можете да си земете со себе и дел од неа, дел што ви припаѓа само вам и никому друг. Ете, тоа чувство не може да ви го одглуми ниту една разгледница на светот. В.Б.Н.