Најмалку тројца сириски војници се ранети во израелските воздушни напади врз цели во близината на Дамаск. Цел на нападите биле складишта со оружје на проиранските сили, како и на шиитската милиција Хезболах. Станува збор за први израелски напади откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата седмица најави дека САД ќе ги повлечат своите 2.000 војници од Сирија.
Според израелските медиуми, нападите западно од Дамаск биле изведени неколку часа откако на меѓународниот аеродром во сириската престолнина слетал авион „боинг-747“ на иранската цивилна авиокомпанија „Фарс ер шешм“, за кој се претпоставува дека доставил во Сирија воена опрема или оружје. Постојат претпоставки и дека цел на нападот може да била делегација на Хезболах, која пристигнала од Бејрут за да се качи на ирански авион и да замине за Техеран, на погребот на високиот ирански функционер Хашеми Шахруди. Сириските власти соопштија дека собориле поголем дел од проектилите истрелани од израелските воени авиони.
Нападите следуваат само два дена откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека повлекувањето на околу 2.000 американски војници од североисточна Сирија нема да ја смени политиката на Израел за напади против иранските сили на сириска територија.
– Одлуката за повлекување на 2.000 американски војници од Сирија нема да ја промени нашата конзистентна политика. Ќе продолжиме да се бориме против иранските обиди за воспоставување воено присуство во Сирија и, ако биде потребно, ќе ги прошириме нашите активности таму – порача Нетанјаху.
Израел досега изврши десетици воздушни напади врз цели на Хезболах и проиранските милиции во Сирија, кои ги поддржуваат силите лојални на претседателот Башар ал-Асад. Сепак, Израел се воздржуваше од спроведување напади во Сирија од октомври, кога Русија ѝ испорача на Сирија неколку противвоздушни одбранбени системи „с-300“. Москва се одлучи на таков чекор откако на 17 септември руски набљудувачки авион беше соборен од сириската воздушна одбрана во текот на израелски воздушни напади. Инцидентот ги разгоре тензиите помеѓу Русија и Израел, кои генерално имаа добри односи и одреден степен на разбирање за ситуацијата во Сирија.
Москва ги смета израелските напади за потенцијално дестабилизирачки за Сирија, каде што Русија работи на консолидирање на придобивките на сириските власти во граѓанската војна во земјата. Истовремено, аналитичарите оценуваат дека Русија исто така ја разбира загриженоста на Израел за безбедноста поради приближувањето на Иран кон неговиот двор.