НБА-лигата во чест на јубилејот одлучи да избере 75 кошаркари што се најдобри во историјата, а како резултат на израмнетоста во гласањето, на листата, сепак, има 76 играчи, кои заедно имаат 158 титули, 730 настапи на олстар-мечеви, повеќе од 1,5 милион поени…

ПО ПОВОД ЈУБИЛЕЈОТ 75 ГОДИНИ НА НБА-ЛИГАТА

НБА-лигата слави 75 години од своето постоење и по тој повод одлучи да избере 75 кошаркари што се најдобри во историјата. Како резултат на израмнетоста во гласањето, на листата, сепак, има 76 играчи, кои, меѓу другото, заедно имаат вкупно 158 НБА-титули, 730 настапи на олстар-мечеви, 110 награди за најкорисен играч (МВП) во НБА и во финалињата, постигнати повеќе од 1,5 милион поени…, пишува НБА на својата интернет-страница.
На списокот се 11 активни кошаркари, и тоа Јанис Адетокумпо, Кармело Ентони, Стеф Кари, Ентони Дејвис, Кевин Дурант, Џејмс Харден, Леброн Џејмс, Кави Ленард, Демијан Лилард, Крис Пол и Расел Вестбрук. Сите 50 члена на НБА-тимот избран за 50-годишнината, именуван во 1996 година, се избрани и во тимот за 75-годишнината, во кој се и четворица кошаркари што играа на првиот НБА олстар-натпревар во 1951 година (Пол Аризин, Боб Кузи, Џорџ Микан и Долф Шејс), првиот добитник на наградата МВП (Боб Петит за сезоната 1955/1956) и првиот добитник на наградата МВП на финалната серија во НБА (Џери Вест за 1969 година), пишува НБА.
Најдобрите во историјата на НБА-лигата беа избрани од сегашни и поранешни кошаркари, тренери, генерални директори, новинари… За време на олстар-викендот во 1997 година, НБА објави листа со 50 најдобри кошаркари, од кои повеќето потоа ѝ се претставија на јавноста во Кливленд, каде што се одржа олстар-викендот. И сезонава олстар-викендот треба да се одржи во Кливленд.

Тим за 75-годишнината на НБА-лигата: Карим Абдул-Џабар, Реј Ален, Јанис Адетокумпо, Кармело Ентони, Нејт Арчибалд, Пол Аризин, Чарлс Баркли, Рик Бери, Елгин Бејлор, Дејв Бинг, Лери Бирд, Коби Брајант, Вилт Чембрлен, Боб Кузи, Дејв Ковенс, Били Канингем, Стеф Кари, Ентони Дејвис, Дејв Дебушер, Клајд Дрекслер, Тим Данкан, Кевин Дурант, Џулиус Ирвинг, Патрик Јуинг, Волт Фрејзер, Кевин Гарнет, Џорџ Гервин, Хал Грир, Џејмс Харден, Џон Хавличек, Елвин Хејс, Леброн Џејмс, Меџик Џонсон, Сем Џонс, Мајкл Џордан, Џејсон Кид, Ален Ајверсон, Кави Ленард, Демијан Лилард, Џери Лукас, Карл Мелоун, Мозес Мелоун, Пит Маравич, Боб Мекаду, Кевин Мекхејл, Џорџ Микан, Реџи Милер, Ерл Монро, Стив Неш, Дирк Новицки, Шекил О’Нил, Хаким Олајџувон, Роберт Периш, Крис Пол, Гери Пејтон, Боб Петит, Пол Пирс, Скоти Пипен, Вилис Рид, Оскар Робертсон, Дејвид Робинсон, Денис Родман, Бил Расел, Долф Шајс, Бил Шарман, Џон Стоктон, Ајзеја Томас, Нејт Турмонд, Вес Анселд, Двејн Вејд, Бил Волтон, Џери Вест, Расел Вестбрук, Лени Вилкенс, Доминик Вилкинс и Џејмс Ворти.