Во 2016 година, Доналд Трамп ја обвини противкандидатката Хилари Клинтон дека ги довела САД во опасност, бидејќи го користела приватниот имејл додека беше на функцијата шефица на американската дипломатија, пренесува Би-би-си
Иванка Трамп, ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, лани го користела својот приватен имејл за да испрати стотици пораки, во кои дискутирала за службени работи на Белата куќа. Проверката на нејзините имејлови покажала дека ја користела приватната имејл-адреса за да контактира со владини претставници. Иванка Трамп, според нејзиниот адвокат, ги испратила пораките пред да биде известена за правилата. Во 2016 година, Доналд Трамп ја обвини противкандидатката Хилари Клинтон дека ги довела САД во опасност бидејќи го користела приватниот имејл додека беше на функцијата шефица на американската дипломатија, пренесува Би-би-си.
„Вашингтон пост“ наведува дека иако пораките на Иванка Трамп претежно содржеле логистички и лични информации, некои сепак може да се спротивни на сојузните закони за службени документи. Претставник на администрацијата на Трамп изјави дека нејзините имејл-пораки не содржеле доверливи информации. Според него, Иванка Трамп престанала да го користи приватниот мејл за службена кореспонденција откако била известена дека не би требало да го прави тоа.
Од друга страна, Остин Еванс од групата Американска контрола порача дека семејството на претседателот не е над законот.
– Има сериозни прашања, кои Конгресот треба итно да ги истражи. Дали Иванка Трамп ги предала сите имејлови, како што е пропишано со законот? Дали таа испраќала доверливи информации преку приватен систем – истакнува Еванс.
Во текот на кампањата за претседателските избори, Доналд Трамп постојано ја критикуваше Хилари Клинтон, бидејќи користела приватен сервер за да испраќа официјални пораки додека беше државна секретарка во 2009 година. Тој неколкупати ги оцени нејзините постапки како нелегални и како голема закана за безбедноста на САД.
Во текот на изборната кампања, Трамп исто така често ги повикуваше приврзаниците на митинзите да извикуваат „Затворете ја!“ и вети дека ќе ја затвори Клинтон поради скандалот. Тој исто така ја повика Русија да помогне во лоцирањето на околу 30.000 имејлови што Клинтон не им ги предаде на истражните органи, бидејќи наводно станува збор за приватни пораки.
Пред да застане на чело на Стејт департментот, Клинтон поставила имејл-сервер во својот дом во Чапаква, кој го користела за сите свои службени и приватни пораки во текот на четиригодишниот мандат. Таа воопшто не го користела, ниту, пак, го активирала службениот имејл, кој користи сервери во сопственост на американската влада. Клинтон тврди дека сите нејзини пораки од приватниот имејл биле испратени или препратени до луѓе со владини имејлови, поради што тие автоматски биле архивирани. Истрагата на ФБИ не резултира со обвинение против Клинтон, а во заклучокот беше наведено дека таа и нејзините соработници биле екстремно невнимателни при работењето со доверливи информации.
Американските медиуми потсетуваат дека не е нелегално претставници на Белата куќа да користат приватни имејл-сметки за службени работи. Но, во согласност со постојните американски закони, владиниот службеник мора во период од 20 дена на службен имејл да ја препрати секоја официјална кореспонденција.