Решението на овој проблем е во употребата на разни средства за одбивање на овие здодевни инсекти. Сепак, треба да се знае дека овие средства не треба да се нанесуваат по целото тело, туку само на одредени делови, како и на одредени делови од опремата што ја носи со себе ловџијата
Ловењето дивеч напролет е мошне пријатно. Шетањето по шумите и ливадите го одмора и исполнува секој ловџија. Меѓутоа, со пролетта се јавува еден проблем, а тоа се разните инсекти. Со доаѓањето на ова годишно време се зголемува и активноста речиси на сите инсекти, како што се крлежите, комарците, болвите, мувите, пајаците и други, кои можат да бидат мошне незгодни за ловџиите. Тие летаат, брмчат, касаат и на тој начин предизвикуваат нервоза, но и деконцентрација кај ловџиите при ловот. Решението на овој проблем е во употребата на разни средства за одбивање на овие здодевни инсекти. Сепак, треба да се знае дека овие средства против инсекти не треба да се нанесуваат по целото тело, туку само на одредени делови, како и на одредени делови од опремата што ја носи со себе ловџијата. Со нивната употреба на вистинските места и во вистинско количество, ловџиите можат да ги намалат и до 90 отсто каснувањата од инсектите.
Така, на пример, на вратот заштитното средство треба да се намачка во вид на ѓердан и на тој начин да се одвратат инсектите, а наедно и да се спречи нивното влегување под облеката. Рацете треба да се намачкаат под лактот и над лактот, за да се спречи влегувањето на инсектите во ракавите. На половината треба да се стави од заштитното средство неколку сантиметри над појасот од панталоните, за инсектите да не се вовлечат во панталоните. Кога станува збор за нозете, треба да се намачкаат потколениците, за да спречи влегувањето на инсектите во ногавиците. Покрај заштитата на делови од телото со средства против инсекти, ловџијата може да се заштити и со правилно користење, односно прскање одредени делови од својата ловечка опрема.
Најдобро при ловот е да се носи облека со долги ракави и по можност таа да биде стеснета околу ногавиците и ракавите. Доколку нема такви стеснувања, тогаш не е лошо тие места да се подврзат или стегнат со некоја гумена врвка или ластик за домаќинство, а добро може да послужи и лепливата лента, која ја користат велосипедистите. Ногавиците притоа треба да се внесат во чорапите, а потоа и во ловџиските чизми. За заштита на вратот и на главата, особено ако се лови во мочуришни подрачја, добро би било да се користи шапка со мрежа, слична на оние што ги носат пчеларите. Кај обичните шапки е потребно врвот и страничните делови да се испрскаат со средства против инсекти. Исто така е пожелно, особено во мочуришните реони, каде што има многу комарци, да се користат и ракавици, оти каснувањата на комарците по прстите и дланките можат да бидат многу непријатни.
Mасло од цимет, еукалиптус, цитонел
Ловџиите можат и сами да направат течност за заштита од инсекти, така што во обично масло ќе додадат 10-25 капки есенцијално масло, а најдобро би било да се користи такво масло од цимет, еукалиптус, цитонел. Научно е докажано дека инсектите не можат да поднесат силни ароматични мириси.