Парижаните проговорија за тоа како катастрофалниот пожар во Богородичната црква ги натера да размислуваат за идентитетот, меморијата и заедничката култура. Во други делови на светот, луѓето го споделуваат своето искуство од глетката на уништени важни знаменитости, некои разрушени во многу поразлични околности

Уништувањето на културолошките атракции предизвикува специфично заедничко тагување низ светот. Парижаните проговорија за тоа како катастрофалниот пожар во Богородичната црква ги натера да размислуваат за идентитетот, меморијата и заедничката култура. Во други делови на светот, луѓето го споделуваат своето искуство од глетката на уништени важни знаменитости, некои разрушени во многу поразлични околности. Па, така, со право се поставува прашањето, зошто тагуваме толку многу за загубата на знаменитости, како што се споменици и згради.
Во септември 2018 година, катастрофален пожар ја уништи поранешната кралска палата во Рио де Жанеиро, во која беше сместен бразилскиот национален музеј. Огнената стихија пеплоса повеќе соби со 20 милиони артефакти, а само мал дел беа спасени. Бруна Аракаки, графичка дизајнерка од Рио де Жанеиро, го следела пожарот од нејзиниот апартман. Таа вели дека глетката на пожарот во Богородичната црква во Париз ја потсети на тагата поради бразилскиот национален музеј и предизвика чувство на солидарност со парижаните.

– Чувствував дека со музејот изгоре дел од она што сме и дел од нашата историја. Објектот се наоѓаше во посиромашен дел на градот и беше еден од ретките музеи во таа област. За многу генерации, тоа беше првиот музеј што го посетиле – истакнува Аракаки.

Според неа, многумина ги обвинија властите, укажувајќи на фактот дека недостигот од финансии го направи музејот ранлив.

– Гледајќи го како гори, се појави чувство на импотентност и револт – додава Аракаки.
Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро испрати сочувство до Франција, но претходно порача дека не може да направи чудо за да го изгради националниот музеј на Бразил.

– Тој веќе изгоре, што сакате од мене да сторам – истакна Болсонаро.
Од друга страна, Сирија го нема луксузот за да размислува за обнова на нејзината култура што беше загубена во Граѓанската војна. Конфликтот однесе повеќе стотици илјади живот и уништи голем дел од сириските престижни културолошки локации. Помеѓу нив е античкиот град Палмира. Фотографиите од Палмира, целата во урнатини, беше главна вест во светските медиуми во 2017 година.

– Тоа е контроверзно. Некој ќе си помисли дека е себично да се посветува внимание на загубата на „некои камења“, а не на загубата на луѓе – истакнува Калид Нашар, Сириец, кој побегна од земјата во 2015 година и сега живее во Британија.
Хаза ал Аднан, поранешен адвокат што стана новинар и сега живее во Идлиб, вели дека станува збор за друг вид тага.

– Тоа е еден вид жалење. Не е истото жалење кога луѓето умираат – посочува Ал Аднан.

Тој се навраќа на првиот ден кога разбрал дека Палмира е уништена и како глетката го шокирала, дури и во атмосфера на постојана катастрофа од Граѓанската војна.
– Тоа беше шокантен настан. Исламската држава воопшто не ја цени цивилизацијата и човековата историја. Фактот дека тоа намерно беше сторено ја направи целата атмосфера уште потешка.

Нашар се согласува дека е тешко сето тоа да се прифати.
– Чувството на тага е уште поголемо кога ќе сфатите дека земјата не ја губи само својата иднина, туку и голем дел од своето минато – додава Нашар.
Во катастрофалниот земјотрес од 2010 година беа уништени многу објекти и знаменитости на Хаити.

– Мачната работа за Хаити беше сознанието дека деструкцијата беше предизвикана од природни причини. Не беше инцидент, немаше кој да се обвини, не постоеше причина зошто тоа се случи. Тоа може повторно да се случи – вели Наоми Хандал од Хаити, која сега живее на истата улица на која се наоѓа и Богородичната црква во Париз.
Катастрофалниот земјотрес однесе околу 160.000 животи. Владата на Хаити процени дека околу 250.000 дома и 30.000 комерцијални згради се урнале или биле тешко оштетени. Хандал истакнува дека помеѓу целиот тој хаос, се појавило чувство на дезориентираност што произлегло од загубата на претседателската палата.
– Тоа ја симболизираше Владата и кога ќе видите дека и тие страдале, буквално не знаете кому да му се обратите. Бевме многу загубени – додава Хандал.
По земјотресот се поведе дебата за повторна изградба на палатата, при што Франција понуди помош, но предлогот ги подели мислењата.

– Симболизмот на Националната палата е многу важен за Хаиќаните. Хаити беше првата црна нација што доби независност и палатата го симболизираше тоа за секој Хаиќанец. Тоа е нешто што не може да се одземе – оценува Евелин Пјер, директорка на Музејот на хаиќанското наследство во Мајами.
И Германците се соочија со слично искуство во минатото. Богородичната црква во Дрезден беше уништена во бомбардирањата во Втората светска војна и со децении беше оставена во урнатини. По обединувањето на Германија во 1990 година, нејзината реконструкција стана метафора за помирувањето. Реконструкцијата беше завршена кон средината на 2000-тите, благодарение на проектот од 180 милиони евра, од кои најголем дел беа приватни донации.
Рака Гутцајт, пензионирана учителка по англиски, живее во Дрезден од 1994 година и зборува за нејзините чувства.

– Бевме многу погодени кога почна реновирањето. Тоа беше мотивирано од многу добра волја. Имаше работници од цела Европа, работеа со часови. Беше убаво да се гледа – истакнува Гутцајт.

Дејвид Вудхед, кој бил дел од „Дрезден траст“, британската организација што помогна во собирањето донации за проектот, вели дека дрезденската црква го има истото значење за луѓето од Дрезден како и Богородичната црква за Парижаните.
– Таа беше важен дел од пејзажот на Дрезден, преполна со многу слики од 18 век. Во текот на бомбардирањата во 1945 година, пожарот буквално ја стопил оригиналната зграда – вели Вудхед.
Тој истакнува дека се појавиле контроверзии за тоа дали треба да биде обновена исто како порано или да добие нов изглед, но на крајот нејзиниот барокен сјај беше реставриран.

– Не е планирано таа да биде воен меморијал, туку да гледа кон иднината – додава Вудхед.
Гутцајт се согласува со неговото тврдење.
– Богородичната црква во Париз е многу поголема и постара од црквата во Дрезден, и има многу поголем меѓународен статус. Но, се надевам дека приказната на Дрезден ќе им донесе надеж на парижаните – заклучува Гутцајт.


Макрон: Новата катедрала ќе биде поубава

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Богородичната црква во Париз повторно ќе биде изградена и оти ќе биде поубава од објектот што беше речиси целосно уништен во катастрофалниот пожар. Макрон порача дека сака обновата да биде завршена за пет години. Но и покрај неговото ветување, експертите оценуваат дека нејзината реконструкција би можела да потрае повеќе децении.
– Ќе ја обновиме Богородичната црква уште поубаво и сакам тоа да биде завршено за пет години, ние можеме да го сториме тоа – истакна Макрон, сугерирајќи дека сака реконструкцијата да биде завршена до 2024 година, кога Париз е домаќин на Летните олимписки игри.

[email protected]