Фото: Дарко Андоновски

Длабоките поделби во ЕУ тлеат уште од поодамна, што беше јасно манифестирано и преку брегзит и излегувањето на Британија од Унијата. Деновиве и нашите соседи се соочуваат со длабоки сомневања за перспективите на Унијата, при што конкретно Грција е зафатена со целосна блокада и штрајкови од социоекономски причини. Во вакви околности Македонија нагазува на педалот за гас. Какви предизвици може да донесе тоа

На неодамнешниот неформален самит на ЕУ-министрите за надворешни работи во Софија на виделина излегоа длабоките поделби меѓу земјите-членки во врска со плановите за пристапување на земјите од Западниот Балкан. Но поделбите во ЕУ не се од вчера и тие тлеат уште од поодамна, што беше јасно манифестирано и преку брегзит и излегувањето на Британија од Унијата. Во јавноста во последно време се поставува и дилемата зошто тогаш толку брзо итаме кон
ЕУ, кога од истакнати земји-членки беше истакнато дека нема да има прием на нови држави во подолг рок.

Оттаму, кои се придобивките што толку се брза и се влетува во некаков дипломатски спринт во преговорите со Грција, ако е познато дека пристапниот процес во ЕУ трае повеќе години и граѓаните знаат дека нема прекуноќ да се збогатиме како држава ако влеземе во ЕУ. Дури напротив. Секоја цена за влез во ЕУ би била прескапа доколку оди на сметка на националните интереси и идентитетот.
Размислувањата во домашната јавност се поделени, особено по интензивирањето на преговорите околу проблемот што го има Грција со нашето уставно име, што, пак, е единствен услов за наше членство во ЕУ. Иако Македонија, според многу западни извештаи и тврдења, е речиси единствена држава на Балканот чија демократија напредувала во последната година, проблемот со наметнатиот спор со Грција неформално повторно се издигнува на ниво на критериум за почеток на преговорите со ЕУ, коментираат некои од аналитичарите.

Звучи апсурдно и парадоксално, но Македонија е надвор од ЕУ и од НАТО поради билатерално прашање, а многу други држави, меѓу кои и Грција, беа примени во истите овие сојузи и без решени прашања со соседите и со многу поголеми проблеми. И покрај исполнувањето на поголем дел од реформскиот процес на Владата именуван како 3-6-9, решавањето на спорот со Грција се наметнува како горчлив услов за почеток на преговорите и за конечен влез во Унијата.
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски не е изненаден од ваквиот развој на политиката на Брисел кон Западен Балкан. Според него, постојат добро познати причини поради кои Македонија досега не е во ЕУ.

– Во кои било преговори ако на едната страна ѝ се брза, другата поставува неприфатливи услови. Тоа е класика и во неа нема варијации. Во конкретниот случај, францускиот претседател Макрон пред неколку месеци јасно кажа дека нема проширување, туку следуваат реформи во Унијата. Тој не е било кој и по многу што го презеде водството во Брисел од Меркел – смета Никовски. Поранешниот дипломат е дециден дека Македонија нема да влезе во ЕУ пред 2030 година.
– Нон пејперот што ја вознемири нашата јавност за спорот со Грција е само потврда дека тоа е апсолутно точно. Најверојатно, околу 2025 година ќе ја примат само Црна Гора, која ништо не менува, а ќе биде доказ дека проширувањето не е целосно мртво. За сите други пред 2030 година нема никакви шанси за влез во ЕУ. Ако се знае сето тоа, нашите погубни обиди да добиеме датум за преговори ова лето се апсолутно погрешни и водат во наша капитулација со несогледливи последици – заклучува Никовски.

Меѓутоа, деновиве кај граѓаните се јавува и друг аспект на сомневање за членството во ЕУ, а причината за тоа е што некои од новодојдените членки во ЕУ, како Бугарија, но и оние постарите, како Грција, на пример, се соочуваат со финансиска криза. Токму Грција деновиве е зафатена со серија штрајкови од економска и социјална природа, кои целосно ја блокираат државата.
Веројатно тоа ги одвраќа определен број граѓани, кои сметаат дека ЕУ нема бариера во смисла да спречи еден финансиски колапс. Од друга страна, Македонија нема друга алтернатива освен влез во ЕУ и во НАТО, тврдат аналитичарите.
Политикологот Димитар Димов очекува најголемата придобивка од влезот на Македонија во ЕУ да се одрази во постепеното ослободување од партиските стеги, како на граѓаните така и на институциите, поголем економски пораст и политичка стабилност на државата.

– Убеден сум дека има многу нешта што ќе треба да ги смениме и во нашите однесувања и во однесувањата на институциите, кои пристапот и функционирањето треба да ги засноваат врз закон, а не врз партиски одлуки или партиски врски. Најверојатно на поединецот нема да му биде лесно да се приспособи кон стандардите на функционирањето на системот на ЕУ, бидејќи тој е навикнат на системот на партиско поврзување, така што би била потребна една преодна фаза за да нѐ толерираат на тој план – вели Димов.
Инаку, минатиот месец ЕУ ја објави Стратегијата за регионот, во која се наведува намерата да им се даде членство на некои земји до 2025 година, доколку дотогаш ги исполнат сите услови. Фаворити за членство се Црна Гора и Србија, додека Македонија, Албанија, БиХ и Косово заостануваат, но сите шест држави се нестрпливи да тргнат напред откако ЕУ го сопре проширувањето пред четири години.

Вчера, на одбележувањето една година од работата на Владата, премиерот Зоран Заев не ги демантира објавените информации за чекорите што ќе се преземаат доколку се постигне договор во спорот за името, во однос на добивањето датум за членство во ЕУ, покана за прием во НАТО и одржување референдум на кој граѓаните ќе треба да го кажат последниот збор за договорот со Грција. Тој соопшти дека се очекува телефонски разговор со грчкиот премиер Алексис Ципрас, каде што се смета да се направи исчекор во однос на проблемот за името, што, пак, е главна пречка земјава да влезе во ЕУ и во НАТО.

– Сѐ уште нема конечен договор меѓу Македонија и Грција. Договорени се принципи и начела, а се работи на формалноправниот аспект на договорот. Ќе има референдум, граѓаните го имаат конечниот глас – истакна Заев и дополни дека граѓаните чекаат лидерство, дека вистински патриоти се оние што обезбедуваат иднина за граѓаните. Тој уверуваше дека јазикот и идентитетот на граѓаните се потврдени со планираниот договор со Грција, а двете земји никогаш не биле поблиску до решение.
Премиерот Заев потврди дека се планира ратификација на договорот со Грција во Собранието со мнозинство гласови пред одржување на референдумот за да може Грција да испрати писмо до НАТО и Македонија да добие покана за членство во Алијансата.
– Стануваме членка на НАТО по решавањето на името – рече Заев.
Тој уште еднаш спомена дека Македонија ќе го има својот четврти Илинден и рече дека копнее „за Македонија во која граѓаните се ослободени од предрасудите и стравовите од минатото“. Заев одби да коментира дали предлогот „Илинденска Македонија“ е сѐ уште на преговарачката маса. 


Претседателот Иванов не прифаќа ерга омнес за името

За претседателот Ѓорге Иванов не е прифатливо решение за името ерга омнес, соопштија вчера од неговиот кабинет.
– Ставот на претседателот Иванов е принципиелен, а наедно и конзистентен со ставовите на сите досегашни претседатели на Република Македонија. Тој став е дека претседателот Иванов не прифаќа решение за прашањето за името за севкупна употреба или ерга омнес – се наведува во соопштението од кабинетот. Наедно, оттаму информираат дека шефот на државата во текот на денешниот ден ќе го прими министерот за надворешни работи Никола Димитров.