За споредба, значително помалку луѓе на Блискиот Исток и во Северна Африка го гледаат христијанството како закана за националните вредности, покажуваат резултатите од истражувањето на Југов за религиозните ставови

Поголемиот дел жители на западните христијански земји сметаат дека исламот е спротивен на нивните национални вредности. Истовремено, како што покажува истражувањето на Југов, значително помалку луѓе на Блискиот Исток и во Северна Африка имаат таков став кон христијанството. Истражувањето беше спроведено по барање на Муслиманскиот совет на старешини наспроти првата посета во историјата на римокатолички поглавар на Арапскиот Полуостров. Папата Франциск пристигна во Абу Даби, каде што учествуваше на меѓурелигиска конференција.

Анкетата на Југов покажува дека речиси половина од испитаниците во Франција и Германија и една третина во Британија и САД сметаат дека исламот е спротивен на вредностите на општеството во нивните земји. Истовремено, 49 отсто од Французите општо немаат позитивен став кон исламот, во споредба со 19 проценти за јудаизмот, 15 отсто за христијанството и 13 проценти за хиндуизмот. Дури 53 отсто од Германците имаат негативен став кон исламот, додека, пак, за другите религии процентот е многу помал, се движи од десет до 22 отсто. Во САД и Британија нешто помал е процентот на испитаници (37 и 32 отсто) што општо гледаат негативно на исламот.

Од друга страна, само 25 отсто од Саудијците и 22 проценти од Алжирците сметаат дека има судир помеѓу христијанството и вредностите на нивната земја, а процентот е уште помал за Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) (13 отсто) и за Египет (седум отсто). Истовремено, општиот негативен став кон христијанството во овие земји варира од 43 отсто во Алжир, 42 отсто во Саудиска Арабија, до 28 отсто во Египет и 13 проценти во ОАЕ. Во Саудиска Арабија, Алжир и Египет големо мнозинство од испитаниците имаат општ негативен став кон хиндуизмот и будизмот. Во однос на јудаизмот, повеќе од половина од испитаниците во Саудиска Арабија и Алжир и 40 отсто од Египќаните имаат генерално негативно мислење. Во ОАЕ бројките се значително помали. Околу една третина од испитаниците имаат негативно мислење за хиндуизмот, сикизмот и будизмот, а за јудаизмот негативно се изјасниле 22 отсто.

 

Истражувањето за религиозните ставови е по барање на Муслиманскиот совет на старешини, а со него треба да се одбележи историската посета на папата Франциск на Арапскиот Полуостров. Франциск е првиот римокатолички лидер што воопшто го посетил родното место на исламот. Тој учествува на меѓурелигиска конференција во Абу Даби, каде што вчера требаше да одржи миса на отворено пред повеќе од сто илјади верници. Борците за религиозни слободи укажуваат на значењето на историската посета на папата и се надеваат дека неговата порака за мирна коегзистенција ќе биде слушната и во другите земји од регионот, каде што голем дел христијани не можат да ги уживаат своите права, па дури и се соочуваат со прогон и ликвидација.

– Посетата на папата ќе испрати силна порака низ регионот и светот: луѓето со различни верувања може да живеат, работат и веруваат заедно. Нема сите да ја поздрават или поддржат оваа порака. Низ Блискиот Исток се соочуваме со опасноста од екстремизмот. Игнорирањето на заканата или поддржувањето е премногу опасно и само го храни циклусот на религиско насилство, кое го опфати регионот за повеќе од една генерација – порача Јусеф Ал Отаиба, амбасадор на ОАЕ во САД.

Истовремено, организациите за човекови права го повикаа папата да ја искористи историската посета за да проговори и за војната во Јемен, каде што ОАЕ е дел од саудиската коалиција, која се товари за кршење на човековите права во оваа земја. Во писмото до папата Франциск, „Хјуманс рајт воч“ наведе дека од март 2015 година, коалицијата неселективно бомбардира домови, пазари и училишта, користи касетна муниција и го отежнува испорачувањето хуманитарна помош до милионите изгладнети Јеменци. „Хјуманс рајт воч“ исто така го повика римокатоличкиот поглавар да изврши притисок врз лидерите на ОАЕ поради домашната политичка репресија.