Интерес за Игрите во 2026-та покажале Грац, Милано и Торино заеднички, Ерзурум, Калгари, Стокхолм, Сапоро и Сион. За Игрите во 2030-та, пак, наводно има интерес од Солт Лејк Сити, Денвер, Рено и од Лилехамер
Австриски Грац, со зимскиот центар Шладминг, каде што во 1982 и 2013 година се одржа Светското првенство (СП) во алпско скијање, е заинтересиран за организација на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2026 година. Во комбинација за домаќини на тие Игри се и италијанските градови Милано и Торино (заеднички), потоа Ерзурум (Турција), Калгари (Канада), Стокхолм (Шведска), Сапоро (Јапонија) и Сион (Швајцарија). До октомври годинава ќе се стесни кругот и во него ќе останат најсериозните кандидати, по што во септември 2019 година на Конгресот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) ќе се избере домаќинот на ЗОИ 2026. САД, со Солт Лејк Сити, Денвер и Рено, како и Норвешка со Лилехамер, домаќинот на ЗОИ 1994, наводно се потенцијални кандидати за организирање ЗОИ во 2030 година. Минатата година, во исто време, ИОК ги одреди домаќините на Летните олимписки игри (ЛОИ), во Париз (2024 година) и во Лос Анџелес (2028 година).
Но Хуан Антонио Самаранч Помладиот, еден од потпретседателите на ИОК, изјави дека е малку веројатно со една слична одлука да бидат одредени домаќините на двете ЗОИ, во 2026 и во 2030 година. – Не постои размислување за такво нешто, не гледаме потреба за тоа. Не планираме да го менуваме системот на доделувањето на Игрите на секои четири години. Тоа со Париз и со Лос Анџелес беше еднократно – изјави Самаранч Помладиот, додавајќи оти само некакви „вонредни“ околности би можеле да го променат тоа. Русите за ЗОИ 2014 во Сочи потрошија 50 милијарди долари, сума што ги „исплаши“ идните кандидати. Покрај тоа, ЛОИ 2016 во Рио де Жанеиро оставија зад себе многу неплатени сметки. Пред неколку години четири европски града, Осло (Норвешка), Стокхолм (Шведска), Краков (Полска) и Лавов (Украина) ги повлекоа понудите за организирање на ЗОИ 2022, чиј домаќин ќе биде Пекинг, а противкандидат му беше само Алмати, Казахстан.
Причината за тие откажувања, освен високите трошоци, беше недостигот од јавна поддршка на референдумите, па и некои политички несогласувања. Скептиците, пак, истакнуваат дека Игрите (ЗОИ и ЛОИ) во последните педесетина години редовно го надминуваат планираниот буџет и дека вкупните трошоци тешко можат да се утврдат. Оттаму, нема да биде никакво изненадување доколку некои од заинтересираните градови и земји во наредните месеци да се премислат и да ја повлечат кандидатурата. Главниот проблем со кој се соочуваат сите градови и земји се парите. Првите модерни ЛОИ 1896 во Атина чинеа околу 500.000 долари. ЗОИ 2010 во Ванкувер, Канаѓаните ги чинеа 6,5 милијарди долари, ЛОИ 2012 во Лондон околу 14 милијарди… Тие суми објаснуваат зошто и една богата земја како што е Норвешка трипати мери и пресекува дали да се нафати повторно да организира ЗОИ. Исто или слично е и со другите земји, како што се Шведска, Швајцарија и Германија, каде што граѓаните беа остро против ЗОИ, со образложение дека тие пари треба да се потрошат попаметно за доброто на сите граѓани и оти не им се потребни такви екстравагантни спортски манифестации. ИОК, од своја страна, е на ставот дека парите што ќе се потрошат потоа им се враќаат на градовите и на земјите, од ТВ-правата, од зголемената туристичка посетеност, преку отворање нови работни места и слично.