Се претпоставува дека пронајдениот мастодонт живеел за време на миоценот (во периодот од пред 24 до 4 милиони години), кога на планетата на овие простори се формирале таканаречени слатководни миоценски езера и кога имало бујна вегетација. Тогаш овие животни можеле да опстојуваат и биле со тежина и до 10 тони
Откривањето на најкомплетниот скелет во овој момент во светот на мастодонт -предок на мамутот и денешниот слон, во близината на неготинското село Долни Дисан, потврди дека овој реон е богат со фосилни остатоци од кои многу мал дел е истражен. Палеонтологот Биљана Гаревска од Природонаучниот музеј, која раководи со тимот од Македонија, вели дека таму досега се пронајдени делови од жирафи, антилопи, тропрстни коњи и мајмуни.
– Се претпоставува дека пронајдениот мастодонт живеел за време на миоценот (во периодот од пред 24 до 4 милиони години), кога на планетата на овие простори се формирале таканаречени слатководни миоценски езера и кога имало бујна вегетација. Тогаш овие животни можеле да опстојуваат и биле со тежина и до 10 тони. Овие огромни животни биле предци на мамутот и на денешниот слон што живее во Африка. Разликата е во тоа што биле поголеми и немале толку извиени бивни (големите завиени заби).
Минатата година на овој локалитет истражувавме четири дена и најдовме еден бивник, кој се наоѓа во музејот во Скопје. Инаку, досега фосилни остатоци од мастодонт во Македонија имаме пронајдено во Делчево, и тоа од помало животно и само горна и долна вилица. Овој пронајдок на вториот бивник, долна вилица со катниците и другите скелетни елементи, е нешто многу важно за науката. Сметам дека од исклучителна важност е истражувањата да продолжат и наредната година – вели Гаревска.
Професорот Николај Спасов, кој важи за палеонтолог од светски ранг и исклучителен стручњак што раководи со тимот од Бугарија, го затекнавме на локалитетот во моментот кога фосилните остатоци од скелетот се транспортираа за да се однесат на препарирање во Природонаучниот музеј во Скопје.
Тој открива дека овој реон е богат со фосилни остатоци и дека истовремено во горните нивоа во реонот Змијовец има фауна што треба да е со иста старост со нивоата на потенцијалниот прачовек, познат од кај Пиргус, Атина, и Чирпам, Бугарија, и очекува дека тука ќе биде пронајден череп од прачовек. Тој смета дека овие нивоа во локалитетот Змијовец, во близината на локалитетот каде што е пронајден мастодонтот, се особено важни за палеонтолошките истражувања. Се радува што Министерството за култура на Република Македонија пројави голем интерес и ги финансира истражувањата оваа година и се надева дека со помош на Министерството за култура на Македонија и Бугарската академија на науките, истражувањата ќе продолжат и во иднина. Спасов првпат го посетил Природонаучниот музеј во Скопје во 2001 година, заедно со неговиот специјализант Ѓорѓи Марков, и ги започнал првите испитувања на фауната на овие простори.
Постепено направил цела екипа и со задоволство може да објави дека во моментот се печати монографија за откриената фосилна фауна во Македонија, каде што ќе се најде и фауната од Долни Дисан. Во подготвувањето на монографијата, покрај Спасов, вклучени се и професор од Франција и Биљана Гаревска, кустоска по палеонтологија во Природонаучниот музеј на Македонија.
За препарирање на фосилните остатоци од мастодонтот од Долни Дисан е ангажиран Македон Петличаро, препаратор во пензија, кој ќе го исчисти скелетот, ќе го залепи и ќе помогне да се постави во Природонаучниот музеј. Тој вели дека препарирањето би траело најмногу два месца, по што скелетот ќе биде изложен во стаклен саркофаг и достапен за пошироката јавност.