Лукот (Allium sativum L.) е вид растение во фамилијата лукови. Негови блиски сродници се кромидот и празот. Расте во многу земји и е намирница што се додава речиси во секое јадење. Низ античката историја, неговата главна употреба била поради неговите здравствени и медицински придобивки. Неговата употреба е евидентирана во многу древни цивилизации, а е неизоставен дел и на модерните кујни.

Научниците велат дека најголемата придобивка од лукот се сулфурните соединенија што се создаваат кога лукот ќе се излупи, ќе се згмечи или џвака. Сулфурот што навлегува во телото при консумирањето на лукот преку дигестивниот тракт ги испушта своите биолошки ефекти.

Лукот е високонутритивна намирница, со многу малку калории, а 28 грама лук содржат: 23 проценти манган, 17 проценти витамин Б6, 15 проценти витамин Ц, шест проценти селен… Богат е со калциум, железо, калиум и фосфор.

Всушност, лукот е билка што содржи сѐ што на еден човечки организам му е потребно. Има само 42 калории, 1,8 грам протеини и девет грама јаглехидрати.

Тој помага во сузбивање настинки, но и против болки. Состојките што ги содржи лукот го подобруваат имунитетот. Една 12-неделна студија открила дека секојдневната употреба на суплемент од лук го намалила бројот на настинки кај луѓето што го консумирале дури за 63 проценти. Со секојдневното консумирање, било намалено и времетраењето на настинката, од седум речиси на два дена, и тоа за 70 проценти.

Друга студија, пак, открива дека висока доза екстракт од лук, односно 2,56 грама дневно, го намалила бројот на денови поминати со настинка или грип дури за 61 процент.

Активните состојки со кои е богат може да помогнат во намалувањето на крвниот притисок. Кардиоваскуларните болести, како што е срцевиот удар, се најчеста причина за смрт во светот. Високиот крвен притисок е една од водечките причини за срцев удар. Лукот има значајна улога во намалувањето на крвниот притисок. За да се почувствуваат ефектите од консумирањето, потребно е да се јадат четири чешниња лук секојдневно.

Лукот го намалува холестеролот, што повторно води до намален ризик од срцеви заболувања. Високиот холестерол во последно време е сѐ почест проблем кај луѓето, независно од нивната старост. Проблем со холестерол имаат и помлади и постари лица. Иако поделен на два вида, добар и лош холестерол, се чини дека лукот влијае на лошиот холестерол, познат како ЛДЛ, но не остава посериозни промени кај добриот или ХДЛ. Секојдневното консумирање лук го намалува покачениот холестерол од 10 до 15 проценти. Високите триглицериди во крвта се исто така една од водечките причини за срцеви болести, но лукот го намалува и нивното количество во крвта.

Богат е со антиоксиданти што можат да помогнат во превенирањето на Алцхајмеровата болест и деменција. Секојдневната употреба на лук ја зголемува антиоксидантната моќ на човечкиот организам.

Лукот може да ви помогне да живеете подолго. Ефектите од лукот врз долговечноста е невозможно да се докажат, меѓутоа со самото тоа што лукот е способен да се бори со високиот крвен притисок и холестеролот, кои се најголеми ризични фактори за прерана смрт, научниците сметаат дека лукот може да ви помогне да живеете подолго.


Природни лекови

Лек против дијареја – во мала чаша вински или јаболков оцет ставете исцеден сок од две три чешниња лук и испијте ја течноста.
Лек против косопад – исечете половина чешне лук. Нежно масирајте го местото каде што почнала да опаѓа косата.
Ефикасен во борбата против комарците – исцедете сок од лук и намачкајте се. Силниот мирис ќе ги избрка здодевните комарци од вас. Сокот од лук исто така е ефикасен доколку веќе ве каснал комарец. Намачкајте го местото со сокот од лук и чешањето ќе исчезне.
Помага и при забоболката – неговото анестетско дејство може да ви помогне доколку се соочувате со забоболка. Капнете неколку капки сок од лук на болниот заб и за неколку минути болката ќе исчезне.


Силен сојузник на вежбањето и голем непријател на токсините

Лукот може да ви помогне доколку вежбате. Тој е еден од најсилните сојузници доколку секојдневно вежбате. Во минатото лукот се користел за да се победи заморот, но и да се зголеми работниот капацитет на работниците. Во античка Грција им се давал на атлетичарите што учествувале на Олимписките игри.

Јадењето лук може да помогне во детоксикација на телото, односно во исфрлање на тешките метали. Една студија спроведена врз работници во фабрика за изработка на акумулатори за автомобили покажала дека лукот го намалил количеството на олово во крвта кај работниците што биле изложени на тоа, за 19 проценти. Помогнал и во намалувањето на клиничките знаци за труење како што е главоболката.

Лукот го подобрува здравјето на коските. Со навлегувањето на жените во менопауза, почнуваат да се јавуваат проблеми со коските познати како остеопороза. Едно истражување покажало дека лукот помага во зачувувањето на цврстината на коските кај жените.

Може да се комбинира со сите јадења. Лукот одлично одговара речиси со сите јадења. Најдобро е да се става свеж, за да се искористат сите позитивни придобивки од него. Сепак, имајте предвид дека по консумирањето, може да се појави непријатен мирис од устата.