Под наслов „Дела од словенечки, хрватски, српски, црногорски, босанско и херцеговски автори“ во „Чифте-амам“, на 18 октомври, во 20 часот, ќе биде отворена изложба со околу 110 дела ликовни дела (слики и скулптури) од колекцијата на Националната галерија на Македонија, во рамките на одбележувањето на нејзиниот 70-годишен јубилеј, на почетокот на декември годинава.
Делата ѝ припаѓаат на т.н. „Југословенска збирка“, чија историја е тесно поврзана со историјата на галеријата, односно збирката е и создадена во првите години од нејзиното основање. Кураторките на изложбата, кустоските Славица Алексоска и Тања Бундалевска, посочуваат дека сликите и скулптурите што публиката ќе има можност да ги види се создавани од почетокот на 19 кон средината на 20 век.
– Изложбата на љубителите на уметноста им дава општ преглед на стилскиот и хронолошкиот развој на сликарството и вајарството создавано од словенечки, хрватски, српски, црногорски, босанско и херцеговски автори, обработени и претставени според нивните временски и стилски карактеристики, во зависност од обемот и квалитетот на збирката што ја поседуваме. Ќе бидат претставени најзначајните имиња на сликарите и вајарите од бившите југословенски републики (Влахо Буковац, Мирослав Краљевиќ, Урош Предиќ, Целестин Медовиќ,Паја Јовановиќ, Петар Добровиќ, Петар Лубарда, Зора Петровиќ, Ѓорѓе Андреевиќ – Кун, Крсто Хегедушиќ, Омер Мухаџиќ, Тома Росандиќ, Иван Мештровиќ, Антун Августинчиќ и др.), чие творештво го прикажува развојниот пат од класицизмот кон создавање на современиот модерен ликовен израз.
Исто така ќе биде презентиран и дел од оригиналната архивска документација поврзана со формирањето на оваа збирка во периодот од 1948 до 1954 година – велат кустоските и истакнуваат дека „презентираните документи ќе потсетат на огромниот вложен напор, не само на тимот што ја водел Уметничката галерија (Борко Лазески, Никола Мартиноски) туку и на тогашните државни институции, кои несебично и со голема одговорност ја поддржале акцијата за собирање уметнички дела и придонеле Националната галерија да ја поседува најбогатата збирка од овој тип во Македонија.