Во зависност од одлуката на Трамп, во наредните 24 или 48 часа, светот би можел да се соочи со најголемиот воен судир помеѓу две големи сили, уште од времето на ракетната криза во Куба. Исходот би можел да биде целосна катастрофа, со отворена војна помеѓу Русија и САД, или, пак, да се претвори во научена лекција што ќе спречува понатамошни кризи. Заедницата за национална безбедност во Вашингтон во голема мера ги заборави концептите на Студената војна за нуклеарно заплашување и менаџирање на конфронтациите со ривали вооружени со нуклеарен арсенал. Во текот на изминативе 25 години, големите сили се навикнаа на свет во кој никој не ги провоцира и каде што единствената закана доаѓа од тероризмот.
Всушност, некои од актуелните лидери на големите сили дури и не ги разбираат нуклеарната стратегија и нуклеарната превенција, како и нивната ескалирачка динамика. Тоа се гледа од нивните ставови, особено кога објавуваат постови на социјалните мрежи. Навистина, можеби ќе биде потребна нова верзија на кубанската ракетна криза од 1962 година, за надворешните политики на суперсилите да сфатат колку опасен може да биде судирот со ривалската нуклеарна сила. Воените опции на САД Иако сѐ уште од Белата куќа не е даден директен одговор за тоа како САД планираат да удрат врз сириските магацини за хемиско оружје, но, во крајна линија, за Вашингтон е важно да биде извонредно внимателен, за да се избегне судир со руските воени сили.
Како и да е, во намера да ги спречат Русите да ги брифираат навремено своите сојузници, САД можеби ќе треба да се воздржат од користење на мировната линија, која постои како гаранција дека двете големи сили нема да влезат во случаен воен конфликт.
– Сигурен сум дека ќе се води голема грижа за тоа да се нападнат соодветните цели. Постојат голем број средства што би се употребиле за прецизен напад, вклучувајќи ги и крстосувачките проектили, кои може да бидат лансирани од воздух и од вода, а можеби и борбени авиони. Покрај тоа, во однос на близината на целите до чувствителните области, прецизната платформа и комбинацијата од оружје наменето за напад (или напади) би зависеле од фактори какви што се природата на целите, нивната отпорност, подвижноста и слично – изјави за „Национален интерес“ Марк Ганцингер, поранешен пилот на американските „б-52“ и воздухопловен аналитичар во Центарот за стратегиска и буџетска анализа.
Тоа би можело да значи дека САД користат долгострелни, прецизно теледиригирани средства за напад, какви што се проектилите „томахавк“ на американската морнарица за копнен напад, или пак конвенционалниот воздушен крстосувачки проектил „агм-86ц“ на американските воздухопловни сили, со кои би се нападнале цели во внатрешноста на Сирија, а притоа би се намалил ризикот за авионскиот екипаж од проектили „земја-воздух“.
Покрај тоа, со оглед на фактот дека крстосувачките проектили летаат на екстремно ниска височина, користејќи го земјиното тло за да го прикрие нивното приближување пред радарите, екстремно моќната руска противвоздушна одбрана, какви што се системите „с-400“ и „с-300в4“, распоредени во Сирија, не би била способна да го регистрира доаѓањето на крстосувачки проектил, освен ако самата не е цел на директен напад. Во основа, додека системот на руската противвоздушна одбрана ја обезбедува областа од воздушни закани со средна или со голема височина, таа всушност не е многу корисна кога се работи за одбрана од ниски крстосувачки проектили.
Исто така, САД би можеле да користат и „невидливи“ авиони, какви што се „Нортроп Груман б-2“, наречен Духот, и „Локид Мартин ф-22“, наречен Грабливец, чија цел би биле цели во Сирија. Русите можеби имаат способност да ги детектираат ваквите авиони, Москва најверојатно нема начин да развие системско оружје за овие авиони, ниту со „с-400“, ниту пак со „с-300в4“. Предноста на користење „невидливи“ авиони со човечки екипаж е во тоа што тие носат сензори со висока резолуција и разновидно оружје, а тоа значи дека нишанџијата може да приспособи соодветно оружје за одредена цел, добивајќи најточни податоци од авионските сензори. – Секој поединечен напад зависи од различни фактори, вклучувајќи ги посакуваните ефекти што треба да се постигнат со тој напад.
Заканите за време на летањето кон целта и во областа на самата цел; изборот на време, т.е. колку брзо сака да реагира претседателот, бидејќи тоа ќе ги одреди соодветните сили што ќе одговорат во дадената временска рамка; близината на целта со цивилно население и разгледувањето на можната колатерална штета; посакуваните ефекти од изборот на специфично оружје; ова се само некои од многуте фактори што влијаат на видот на нападот и неговото организирање – изјави генералот Дејвид Дептула, поранешен началник на разузнавачите во американските воздухопловни сили, кој е организатор и на неколку воздушни борбени напади. Одговорот на Русија Ако руските сили се погодени од американски или сојузнички воздушен напад, Москва ќе одговори со сила. Аналитичарите велат дека Кремљ не блефира. – Ако руските сили бидат нападнати, тогаш ќе имаме војна – изјави Василиј Кашин, член на универзитетскиот колегиум на Центарот за сеопфатни и меѓународни студии при московската Висока економска школа.
Руските сили се способни да возвратат со напади во американските и сојузничките воени бази – не само на Блискиот Исток туку и во Европа. Како што истакна Герасимов, Русите не би го ограничиле својот одговор на нападот на нивни сили само во Сирија, тие би удриле и врз лансирните платформи и нивните оригинални бази. Долгострелните теледиригирани оружја, каква што е крстосувачката ракета „калибр“, која се лансира од бродови и подморници, и онаа воздушната „х-101“, која ја торпедираат тешките авиони – бомбардери „туполев ту-95“ и „ту-160“, ѝ овозможуваат на Москва да ги напаѓа американските бази низ целиот регион. Ова може да ги загрижи американските сојузници, кои би биле земји-домаќини на американските воени авиони што би се вклучиле во нападите врз руски цели во Сирија. Проблемот во завојувањето со друга голема нуклеарна сила е во тоа што ваквите конфликти неизбежно ескалираат – и тоа надвор од контрола. Секако, судирот помеѓу Русија и САД ја вклучува таквата перспектива.
– Најверојатно ќе ескалира надвор од секаква контрола – додава Кашин. Израел ја дополнува конфузијата Уште еден голем мировен ризик се Израел и другите регионални сили вклучени во Сирија. Неодамна Русија го обвини Израел дека извршил воздушен напад врз сириската воздухопловна база „Т-4“. – На 9 април, во периодот помеѓу 3.25 и 3.53 часот по московско време, два воени авиона „ф-15“ на израелските воздухопловни сили извршија напад со осум теледиригирани проектили врз аеродромот „Т-4“, без притоа да влезат во Сирија преку територијата на Либан – соопштија, според ТАСС, од руското министерство за одбрана. Русите тврдат дека сириската противвоздушна одбрана уништила пет од израелските проектили, додека преостанатите три проектили ја погодиле својата цел – соопштение што е многу сомнително, имајќи ја предвид состојбата со сириската противвоздушна одбрана.
ТАСС објави дека немало руски советници меѓу жртвите на нападот, меѓутоа се известува дека најмалку 14 претставници на прорежимските сили, вклучувајќи и одреден број службеници од иранско потекло, биле убиени во истиот напад. Оттаму, можноста за непланиран судир помеѓу повеќе воени сили е голема. Се разбира, Пентагон беше принуден да негира вмешаност на американските воени сили. – Во овој момент, Министерството за одбрана не извршува воздушни напади врз Сирија. Меѓутоа, ние продолжуваме внимателно да ја следиме ситуацијата и да ги поддржуваме тековните дипломатски напори за да се држат под контрола оние што користат хемиско оружје во Сирија или каде било на друго место – изјавија од американското министерство.