Полициската управа во Фоча интензивно работи на истрагата во акцијата „Дојава“ против лица што се осомничени за измами на интернет, а кои се однесуваат на нелегални постапки во спортските обложувачници. Полицијата до обвинителството во Босна и Херцеговина поднесе пријава против две лица од Фоча, кои се осомничени за казнено дело „перење пари“ и кои со измама преку интернет оштетиле лице од Макарска во Хрватска за 4.500 конвертабилни марки, пишува „Срна“.
– Секојдневно работиме на вакви предмети. Имаме соработка со полициските служби од Хрватска, Словенија и Србија – изјави Велимир Костовиќ, началник на Полициската управа во Фоча.
Во полицијата очекуваат дека со поднесувањето на првите обвиненија, кои би завршиле со затворски казни, ќе биде намален бројот на измами преку лажни дојави за спортски резултати, со кои се занимаваат повеќе лица во Фоча.
Од полициската управа изјавија дека лани во февруари биле регистрирани 18 казнени дела и дека е остварен висок процент на расветлени случаи.