Особено се опасни мобилните телефони и лаптопите, кои во овој период максимално се користат како средства за работа од дома, така што остануваат вклучени во текот на целиот ден, а навечер се оставаат на полнење. Токму поради тоа постои ризик, особено кај уредите постари од пет-шест години, да дојде до експлозија на литиумските батерии, кои во ваквите случаи во буквална смисла претставуваат потенцијална бомба во домот
Пандемијата ги вжешти и електронските уреди во домовите
Пандемијата ги остави луѓето со денови затворени во своите домови, а барајќи начини да го исполнат времето тие често и максимално ги користат сите електронски уреди што ги имаат на располагање, со што ја зголемуваат нивната амортизација, а истовремено со тоа се зголемува и можноста за дефекти што можат да предизвикаат различни безбедносни ризици.
Мали потенцијално опасни електронски уреди се кријат во секој дом, мобилни телефони, лаптопи, адаптери, конзоли, демнејќи во секој момент да предизвикаат повреди или пожар, а во најлош случај дури и смрт.
Особено се опасни мобилните телефони и лаптопите, кои во овој период максимално се користат како средства за работа од дома, така што остануваат вклучени во текот на целиот ден, а навечер се оставаат на полнење.
Токму поради тоа постои ризик, особено кај уредите постари од пет-шест години, да дојде до експлозија на литиумските батерии, кои во ваквите случаи во буквална смисла претставуваат потенцијална бомба во домот.
Неодамна во Турција надзорните камери снимија момент во кој доаѓа до експлозија на мобилен телефон во работилница за поправка на мобилни телефони. Работникот во последен момент минал без повреди, но таква среќа немаше младо девојче од Индија, кое пред две години го загуби животот откако во раката ѝ експлодира мобилниот телефон додека разговарало, а истовремено уредот бил приклучен на полнење.
– Имав мобилен телефон стар околу седум години.
Пред неколку вечери го ставив уредот да ми се полни бидејќи цел ден го користам за работа, за да биде подготвен за следниот ден. Во некое време на ноќта ме разбуди силна експлозија. Срипав од креветот и кога влегов во дневната соба имаше што да видам, телефонот распарчен на делови, а на подот со силен пламен гори батеријата. Веднаш го изгаснав пожарот за да не се прошири – вели Сашо, кој своето лично искуство го сподели за весникот „Нова Македонија“.
Според него, среќна околност е што се случила експлозијата и навреме го разбудила.
– Добро е што пукна батеријата бидејќи ме разбуди навреме. Можеше да се запали и без експлозија, тогаш буквално ќе се задушевме на спиење, а ако имавме некаков килим во дневната, веројатно пожарот од батеријата многу брзо ќе се проширеше низ станот. Уште една среќна околност е што го оставив телефонот да се полни во дневната соба, иако обично го ставам во спалната блиску до главата заради алармот – раскажува нашиот соговорник.
Тој додава дека и силината на експлозијата била изненадувачка за него.
– Она што можев да го забележам по експлозијата буквално ме фрапира. Во радиус од два метра имаше остатоци од експлозијата. Изгорен под, црни честички и метални парчиња наоколу. Како на бојно поле. Навистина имав среќа што сè заврши вака – ја завршува својата приказна Сашо.
Познавачите на состојбите велат дека мора да се води сметка за исправноста на уредите, особено за староста на батериите.
– Неисправните или дотраени литиум-јонски батерии се потенцијална опасност за секого. Во овој период уредите максимално се користат, а поради зафатеноста во текот на денот, се оставаат да се полнат во текот на ноќта без никаков надзор. Кај постарите батерии доаѓа до прегревање, а во најлош случај до експлозија проследена со пожар – велат од сервис за мобилна опрема и преносни компјутери.
Оттаму уште додаваат дека овие уреди имаат рок на траење и дека треба да се води сметка за староста на уредите.
– Батериите кај мобилните телефони и кај лаптопите имаат рок на траење и веќе по четири години не се безбедни за користење. Наш совет е батеријата да се менува по овој период, а ако се има можност дури и порано. Никако да не се оставаат уредите на полнач навечер оти тогаш се крие најголемата опасност од несреќи, иако експлозии не се исклучени и кога уредите не се на полнач. Како и да е, најдобра опција е мобилните апарати да се менуваат по две-три години заради личната безбедност – нагласуваат сервисерите.
Според електротехничарите, правилното користење на електронските апарати е клучно за безбедноста и за траењето на уредот.
– Во овој период на изолација дома буквално сè е вклучено, компјутер, телевизор, разни конзоли за играње, рутери… Генерално овој тип уреди, кои не користат батерии како мобилните и лаптопите, не се опасни. Кај нив може да дојде до прегорување на адаптерот, некој електронски дефект, најчесто поради осцилации во мрежата, но ретко се случува експлозија. Препорачливо е кога не се користат подолго време уредите да бидат исклучени од електричното напојување бидејќи така и адаптерите не се оптоваруваат, а и самите апарати се заштитуваат – вели Јовче Димевски, електротехничар.
Искуствата предупредуваат дека со електронската опрема нема шега. Само правилно користење, почитување на техничките и безбедносните препораки се единствен начин за заштита и за спречување на незгоди.