Завршницата на петтиот ден на СП во Доха беше исклучително интересна и исполнета со драматични моменти во натпреварите во скок со стап, фрлање копје, трките на 200 и на 800 метри…
Зоран Михајлов
специјално од Доха за „Нова Македонија“
Босна и Херцеговина може да се гордее со Амел Тука, кој по бронзениот медал на 800 метри на Светското првенство (СП) во атлетика во Пекинг, пред четири години, и тука на СП во Доха, се закити со медал, сега со сребрен сјај. Тука истрча една феноменална трка од тактички аспект. Некако беше скриен по првите 400 метри, за потоа полека да се доближува до челните и на крајот да распали со својот познат финиш. На целната рамнина ги минуваше противниците и стигна до второто место. Американецот Брејзер (постави нов рекорд на шампионатите со време 1:42,34 минута) беше подобар од него, а тоа го призна Тука.
– Му честитам на Брејзер, беше одличен, едноставно вечерва е непобедлив. Презадоволен сум од второто место. Во текот на трката цело време како да ја чувствував својата земја, својот народ. Тоа ме носеше напред, ми даваше сила. Затоа, медалот му го посветувам токму на мојот народ, на сите во Босна и Херцеговина, а најмногу на моите сограѓани во Зеница – рече тој.
Тука е вистински пример за издржливост. Ги надмина сите тешкотии и по четири години неизвесност тој се врати, и тоа на голема врата, стана носител на сребрен медал на СП во Доха. Браво за скромниот Тука, секоја чест.
Завршницата на петтиот ден на СП во Доха беше исклучително интересна и исполнета со драматични моменти. Први финалната борба ја почнаа скокачите со стап. Откако фаворитите постојано се менуваа во водство на крајот со ист резултат, 5,97 метри, имаше двајца, но поради подобра серија победи Американецот Сем Кендрикс, пред европскиот првак Швеѓанецот Арманд Дуплантис. Третото место му припадна на Пјотр Лисек од Полска со 5,87 м.
На натпреварот во фрлање копје присуствувавме на вистинска драма. Австралијката Келси Барбер, која до последната серија беше четврта, во последниот обид го фрли копјето на далечина од 66,56 метри и изби на првото место, оставајќи ги зад себе двете репрезентативки на Кина, кои дотогаш беа на првата и на втората позиција. Така, Шијинг Лиу од лидерското падна на второто место со 65,88 метри, а и Хуи Ју отиде едно место подолу, со 65,49 метри.
Во трката на 200 метри за мажи беше многу интересно. Победи Американецот Ноа Лајелс со време од 19,83 секунди, а за второто место се водеше голема борба. На крајот, сепак, сребрениот медал го освои Канаѓанецот Андре де Грас, кому ова му беше втор медал по бронзениот на 100 метри. Трет беше Алекс Кињонез од Еквадор, кој заостана зад Де Грас за четири стотинки.
Завчера настапи и единствениот македонски претставник Јован Стојоски, кој во квалификациите на 400 метри постигна време од 47,92 секунди, за една секунда послабо од неговото најдобро постигнување.
– Трката имаше едно силно темпо уште од самиот почеток, се обидов да го прифатам, но во вториот дел од трката немав сили. Мојот зенит годинава беше во јули и во август, особено во јули кога на Европското првенство за атлетичари до 23 години во Шведска стигнав до финалето и бев шести. Во летниот период истрчав три трки под 47 секунди. Во септември дојде до пад на мојата форма, па, така, во Доха не можев да го дадам својот максимум. Сега погледите ми се свртени кон идната сезона, кога ме очекуваат многу настапи, прво на натпреварите во сала, а потоа цел ќе ми биде со подобрувањето на моите резултати да настапам на Европското првенство во Париз и на Летните олимписки игри во Токио – изјави тој по своето деби на СП.
Стојоски е еден од најголемите таленти што се појавил во македонската атлетика. Него го откри покојниот Исмаил Мачев, кој по завршувањето на тркачката кариера беше тренер на Црвена звезда. Токму таму тој го забележа ова момче, кое има голем потенцијал и почна да работи на неговото атлетско издигнување. Стојоски живее во Белград и е член на Црвена звезда.