Како одговор на сајбер-заканите и масовното ширење дезинформации, особено во последните две години, Владата работи на изработка на акциски план за справување со дезинформациите. Ова на прес-конференција вчера го најави премиерот Зоран Заев во која тој се заложи дека ќе ѝ стави крај на оваа штетна појава.
– Дезинформациите се еден од главните предизвици на демократијата и алатка за манипулација на граѓаните. Злоупотребата на технологија стана сериозен упад во демократските процеси и сериозно се заканува да влијае на довербата на граѓаните во институциите. Република Северна Македонија во изминатите две години се соочи со масовно ширење дезинформации, а дел беа споделени и од територии на други држави – рече Заев.
Целта на изработката на акцискиот план, како што кажа, е да се зајакнат националната безбедност и сигурност, а за планот ќе се консултираат и со граѓанскиот сектор и со медиумите. Тој информира дека акцискиот план има две компоненти, безбедносни и проактивни мерки.
Премиерот во своето излагање рече дека поради тоа, сега и тој користи нов телефонски број со поголема безбедност. Заев во исто време истакна дека се работи за нова стратегија за транспарентност, ќе бидат објавени официјални одговори на прашањата на медиумите и граѓаните за да се спречи извртување на официјалните ставови на Владата.
Исто така, според премиерот Заев, во наредниот период треба да се формира акциска група за борба против дезинформации, која ќе ги анализира и ќе ги следи нападите. Групата ќе ја води министерот за отчетност Роберт Поповски.