Во случај на брегзит, спорната територија на влезот од Медитеранот ќе стане трета држава и за секое решение во врска со неа ќе биде потребна и согласност од Шпанија. Со указот на ЕУ од февруари годинава, Гибралтар се признава како британска колонија
Признавањето на Гибралтар за британска колонија од страна на Европската Унија е вистинска дипломатска победа за Шпанија. Ако дојде до брегзит, оваа спорна територија ќе стане трета држава и за секое решение во врска со неа ќе биде потребна и согласност од Шпанија. Мадрид смета дека излегувањето на Британија од Унијата ќе му донесе победа во спорот со Лондон во однос на статусот на Гибралтар, пишува „Тајмс“.
– Шпанија извојува дипломатска победа кога Брисел донесе одлука дека територијата Гибралтар треба да се смета за британска колонија – изјави шефот на шпанската дипломатија Жозеп Борел.
Според Борел, указот на ЕУ од февруари годинава, со кој оваа територија треба да се смета за колонија на британската круна, е повеќе од симболична победа за Мадрид.
– Таа означува дека Шпанија треба да даде согласност за секој иден договор што се однесува на тоа мало парче британска територија. За сите разговори на ЕУ ќе треба зелено светло од шпанската страна. Ако Британија излезе од Унијата, а ние уште не знаеме дали тоа и ќе се случи, Гибралтар автоматски ќе стане трета земја – порача шпанскиот министер.
Како што наведува „Тајмс“, указот е донесен како дел од договорот што треба на Британците да им обезбеди безвизно движење во рамките на ЕУ во случај на „тврд“ брегзит. На крајот, жителите на спорната територија се ставени во категорија одвоена од граѓаните на Британија, кои имаат исти права на патување, а во Обединетите нации беа поднесени барања од Шпанија за суверенитетот над Гибралтар.
Шпанија по војна во 1713 година ѝ го предаде на Британија пристанишниот град на влезот од Медитеранот, но и натаму тврди дека има суверенитет над него. Гибралтар беше „крунска колонија“ кога Британија стана членка на ЕУ во 1973 година, но Лондон во 2002 година го рекласифицира како „британска прекуморска територија“.
Британските власти не протестираа кога Европскиот суд на правдата во пресудите од 2006 и 2017 година одлучи дека Гибралтар е колонија на британската круна, а не дел од Британија. Но Лондон е иритиран од шпанските обиди за вклучување на спорот за суверенитет во процесот на брегзит. Британски претставник во февруари порача дека Гибралтар е „целосен дел од британското семејство“ и оти е сосема несоодветно да се нарекува колонија.
Жителите на Гибралтар, чија економија зависи од отворената граница со Шпанија, со големо мнозинство гласаа против излегувањето на Британија од ЕУ на референдумот во 2016 година. Шпанија, каде што за 28 април се закажани парламентарни избори, го смета брегзит за шанса да ја добие поддршката на другиот дел од Унијата за нејзиното право на суверенитет на територијата со 33.000 жители.
– Неколку шпански влади, како десничарски, така и левичарски, се обидуваа да го вратат Гибралтар – истакна шефот на шпанската дипломатија.
Борел, сепак, призна дека просечниот Шпанец не е опседнат со идејата за враќање на Гибралтар.