Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини порача дека ЕУ ќе ги заштити своите стратегиски и економски интереси во Иран, по повлекувањето на САД од договорот со Техеран. Администрацијата на Трамп воведе поостри санкции кон Иран, а се закани и со пенали за европските компании што соработуваат со блискоисточната земја, пренесуваат светските медиуми

Европската Унија работи на заштитата на компаниите што инвестираа во Иран по нуклеарната спогодба од 2015 година, кои сега се соочуваат со санкции од САД. Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини порача дека ЕУ ќе ги заштити своите стратегиски и економски интереси во Иран, по повлекувањето на САД од договорот со Техеран. Администрацијата на Трамп воведе поостри санкции кон Иран, а се закани и со пенали за европските компании што соработуваат со блискоисточната земја, пренесуваат светските медиуми.
– Земјите-членки тесно ги координираат своите напори за заштита на економските инвестиции на европските бизниси, кои легитимно инвестираа и се ангажираа во Иран во изминатите три години од постигнувањето на договорот – истакна Могерини по средбата на министрите за надворешни работи на членките на ЕУ.

Европските сили тврдат дека се посветени на заедничката соработка за спасување на договорот, бидејќи веруваат дека тоа е најдобар начин да се спречи Техеран од производството на нуклеарно оружје. Затоа Могерини во неколку наврати инсистира дека напорите на ЕУ за одржување на спогодбата не се мотивирани од профитите на бизнисите.
– За нас, не станува збор за економски интерес. Станува збор за безбедносен интерес – порача шефицата на европската дипломатија.
Могерини исто така ги отфрли извештаите за раздор помеѓу Полска и другиот дел од Унијата за тоа како ЕУ да се справи со тврдокорниот став на Трамп кон Техеран. Таа сепак посочи дека ЕУ како целина споделува дел од загриженоста на американскиот претседател кон улогата на Иран на Блискиот Исток и иранската програма за балистички проектили.

– Севкупно гледано, првата грижа што ја споделуваме е поврзана со можноста Иран да развие нуклеарно оружје, а придржувањето до договорот беше најдобар начин да се спречи тоа – заклучи Могерини.
Сепак, полскиот министер за надворешни работи Јацек Чапутович изјави дека неговата земја е против какви било чекори на ЕУ што би ги ослабнале американски санкции и оти охрабрувањето на понатамошното работење на европските компании во Иран би можело да стане голем проблем.
– Оние држави што ја поврзуваат нивната безбедност со безбедноста на САД имаат слични позиции со Полска, ако се земе предвид нивниот интерес за зачувување на нивните трансатлантски односи – порача Чапутович.
Тој исто така побара и создавање компензациски механизам ако европските компании, кои работат во Иран, се соочат со загуби.

Европската комисија минатата седмица соопшти дека ќе почне со ревизија на т.н. блокирачка регулатива, која беше воведена во 1996 година како одговор на исходот од американските санкции против Куба, Либија и Иран. Ваквата мерка досега никогаш не била употребена, а во суштина им забранува на компаниите од почитување на американските санкции онаму каде што тие би можеле да им наштетат на интересите на ЕУ, главно во трговијата и во движењето на капиталот.
За да се употреби блокирачката регулатива сега, прво ќе мора да биде ажурирана за да ги вклучи и американските санкции поврзани со нуклеарната програма на Иран. Сепак, за тоа ќе биде потребно подолго време и постои голем ризик дека некоја од 28-те членки на Унијата би можела да го блокира таквиот чекор на Брисел. Покрај тоа, ЕУ исто така е подготвена да ѝ дозволи на Европската инвестициска банка да им помогне на компаниите да инвестираат во Иран. Исто така, еврокомесарот за енергетика наскоро ќе го посети Техеран, каде што ќе разговара за зајакнување на енергетската соработка.


Над 150 европски компании работат во Иран

Одлуката на Вашингтон за повлекување од договорот со Иран по сѐ изгледа нема да влијае врз американските бизниси, додека, пак, воведувањето „секундарни санкции“ против Техеран ќе биде пресудно за европските гиганти што работат на иранска територија. Над 150 европски компании работат во Иран или, пак, имаат претставништва во блискоисточната земја, а помеѓу членките на ЕУ предничи Франција и тоа со 38 компании. Меѓу овие компании се и француските гиганти „Ербас“, „Рено“, „Даноне“ и „Тотал“. На второ место е Германија со 35 компании, меѓу кои се и осигурителниот гигант „Алијанц“, „Сименс“ и „Нивеа“. Потоа следува Италија со 21 компанија, како што се „Фиат-Крајслер“ и „Ал Италија“. Ништо помалку не се застапени и британските компании, меѓу кои се „Ројал дач шел“, БП, и „Дајмлер“. Интересно е дека меѓу европските компании што имаат бизнис во Иран, а не се дел од пазарот на ЕУ, е и „АБЕ пауер ко.“ од Македонија.