Обидот за заштита од астероид што се приближува кон земјата, со напад на нуклеарно оружје, е добар само за прикажување во научнофантастичните филмови. Поновите истражувања велат дека реалноста е поинаква. Едноставното уништување со експлодирање на заканувачка вселенска карпа не може да нѐ спаси на начин на кој претходно се мислеше.
Научниците откриваат заталкани астероиди што најчесто минуваат низ нашиот Сончев Систем, а минатиот месец откриле еден астероид што има многу мала шанса да ја погоди земјата. Ваквите заталкани астероиди се причина за научниците да ја истражуваат можности за справување со нив, доколку има сериозна закана тие да се судрат во земјата. Еден од начините за справување со овие потенцијални „непријателски“ астероиди, е да се удрат со некакво летало или објект и да се оттргнат од траекторијата на движење. НАСА во моментов планира мисија за пренасочување на астероидот. Мисијата предвидува испраќање на вселенско летало што ќе дејствува како камикаѕе, неговата цел е судирање со астероидот познат како Дидимос и промена на неговиот курс на движење. Меѓутоа сѐ уште нема можност за постојано и подолго патување во вселената, научниците немаат многу можности да ги проучуваат астероидите од блиску. Според тоа, не можат да проценат точно како се структурирани или како би можеле да бидат уништени. Досегашните научни теории се дека поголемите астероиди можат полесно да се уништат, бидејќи тие имаат поголема веројатност да имаат пукнатини. Овие пукнатини претставуваат слабост за астероидот и ги прават полесни за уништување преку експлозија или удар. Се поставува прашањето што треба да се прави кога некој астероид ќе го загрози нашето мирно постоење на земјата.
– Дали е подобро астероидот да го уништиме и да го скршиме на помали парчиња или да го поттурнеме да оди во друга насока? Ако го поттурнеме, колкава сила е потребна за да го погодиме и да го поттурнеме, без да го пробиеме? – вели Чарлс Ел Мир.
Тој е главен автор на студијата „Тешко е да се раздвојат: астероидите се посилни, потешки за уништување отколку што претходно се мислеше“, објавена на универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Наводите од оваа студија ќе бидат објавени во наредниот број на списанието „Икар“ и тие се базираат на компјутерски симулации на влијанија од астероиди. Вклучуваат параметри во кои се истражува дигитално симулирање удар помеѓу два астероида. Дигиталната симулација претставува како мал астероид што патува пет километри во секунда и што е околу еден километар широк се судира со голем астероид, кој е околу 25 пати поголем од него. Претходниот модел и истражувањата што се правеа со ваквиот пристап, покажаа дека големиот астероид се уништува од ударот на помалиот астероид. Но тимот на „Џонс Хопкинс“ дошол до сосема поинаква завршница. Според нивниот модел, астероидот во голема мера се распаѓа во фракција од секунда по ударот. Во симулацијата се докажува тоа, астероидот се гледа во делови и изгледа како да е распаднат. Симулацијата исто така покажува дека неговите делови се враќаат заедно. Во текот на часовите по ударот, симулацијата покажа дека големиот астероид се распаднал на помали парчиња, но не и дека е целосно уништен, како што покажаа претходните истражувања. Фрагментите што летаат од астероидот, потоа повторно се враќаат заедно во оштетеното јадро на астероидот. Тоа се случува поради огромното влијание на гравитацијата на астероидот.
– Ние верувавме дека колку е поголем објектот, толку полесно ќе се уништи, бидејќи поголемите објекти имаат поголема можност да имаат недостатоци. Нашите наоди, сепак, покажуваат дека астероидите се посилни отколку што претходно размислувавме и бараат поголема енергија да бидат целосно уништени. Силата на големиот астероидот за да му се спротивстави на ваквиот удар, му овозможува да ја зачува гравитациската сила. Овие наоди ни укажуваат дека би можело да се предизвика хаос ако слепо испукуваме нуклеарни ракети за да се уништи голем астероид. Разбирањето на овие интеракции се потребни за да знаеме какви одлуки ќе треба да се донесат, ако има астероид што ќе се судри со земјата – вели Ел Мир.