Инфраструктурата е прв приоритет на Владата во согласност со извештајот и препораките на Европската комисија, кажа вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
– Во минатото пропуштивме драгоцени години да ги насочиме парите од даночните обврзници во Република Македонија во инфраструктурата, наместо да правиме проекти што се луксуз. Затоа, кога зборуваме за инфраструктурата, посветени сме да ги завршиме почнатите патишта, без оглед на проблемите, и да почнеме градба на нови – изјави Анѓушев.
Тој посочи дека фокусот за изградба на нови патни проекти ќе биде ставен на реконструкција на Коридорот 8 кон Бугарија, како и на автопатската делница од Кичево кон Гостивар. Оваа делница, според вицепремиерот, е скапа и тешка, за неа веќе е направен проектот од Кичево до Букојчани, а останува да се допроектира делот кон Гостивар.
– Покрај тоа, веќе е завршен проектот за железничката линија од Кичево кон Лин, Албанија, и ќе бидеме посветени во делот на барањето финансиски средства. Охрабрувачки е што новата меѓународна позиција на Република Македонија дава шанса финансиските институции похрабро да ги поддржат инфраструктурните проекти – рече Анѓушев и додаде дека има ветувања од Светска банка, ЕБОР и ЕИБ дека ќе одобрат средства за реализација на вакви проекти.
Вицепремиерот потсети дека земјава веќе доби грант од 70 милиони евра за изградба на втората делница од железничката линија кон Бугарија и дополнителни 60 милиони евра за третата делница.
– Тоа овозможува полесно да се добијат кредити од меѓународните финансиски институции – истакна Анѓушев.