Селекторот Кек, кого многу го почитувам, обично практикува тимска игра со 9-10
стандардни фудбалери, а први ѕвезди им се Облак и Иличиќ, вели македонскиот селектор Ангеловски

Против Словенија ќе играме офанзивно и на победа, оти поинаку и не знаеме. Силно верувам во моите фудбалери и во нивниот победнички менталитет. Против Словенија, а со поддршка од трибините, ќе биде најдобриот наш меч во овие квалификации. Точно е дека имаме одредени проблеми со составот поради повреди на дел од стандардните репрезентативци, но нема да се жалиме за тоа, оти знам дека сите што ќе настапат ќе го дадат максимумот. Знам и дека секој селектор сака фудбалери во оптимална форма. Сепак, ние сме мала земја, немаме голем избор на играчи и презадоволен сум со фудбалерите со кои работам и кои ја донесоа Македонија во ситуација да се бори за пласман на ЕП. А, победа против Словенија, пак, ќе ни даде дополнителен мотив за дуелот со Полска на гости – оптимистички изјави селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски, на вчерашниот прв собир со репрезентативците во х. „Гранд плаза“ (за вчеравечер, пак, беше закажан и првиот тренинг на националната арена во Скопје н.з.), во пресрет на мечот во Словенија в четврток (20.45 ч.), а во рамките на квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2020 година.

Селекторот Ангеловски не штедеше зборови ниту за словенечката репрезентација.
– И за двете селекции победата е најпосакуваниот резултат. Словенија за брзо време покажа дека поседува огромен квалитет и дојде во ситуација да се бори за пласман на ЕП. Селекторот Матијаж Кек, кого многу го почитувам, обично практикува тимска игра со 9-10 стандардни фудбалери, а први ѕвезди им се Јан Облак и Јосип Иличиќ – појаснува Ангеловски.

Како што е познато, Македонија нема да настапи во најсилниот состав, оти поради повредата на Енис Барди, како и суспензијата на Егзон Бејтулаи, за мечот со Словенците Ангеловски ги повика во составот, играчот од средниот ред Ѓорѓи Стоилов (Академија Пандев) и од одбраната Марио Младеновски (Вардар).

Со евентуален триумф в четврток, Македонија бодовно ќе се израмни со Словенија и ќе има предност пред таа репрезентација во пласманот на табелата при евентуален ист број бодови по 10-то коло. Со три бода од таа средба Македонија најмалку би била трета во групата по седмото коло, секако, ако Австрија дома го победи Израел или на тој меч биде нерешено, а можеби и втора, ако на средбата во Виена слават гостите.

По шест одиграни кола во групата Г за пласман на ЕП 2020 води Полска со 13 бода, пред Словенија со 11, Австрија со 10, Македонија и Израел со по осум и Летонија без бодови. Македонија досега со Словенија во Скопје одигра два меча, двата пријателски, и во двата победија црвено-жолтите, прво со 2-0 во 1994 година, а потоа со 3-2 во 2012 година. Вкупно, македонската селекција е поуспешна од Словенија во меѓусебните дуели, има три победи и по едно реми и пораз, а вкупната гол-разлика е 10-5.

Да потсетиме дека на ЕП 2020 ќе играат 24 репрезентации (вторпат, бидејќи ваков формат дебитира на ЕП 2016 во Франција), и тоа по две најдобри од секоја од десетте квалификациски групи, како и четирите победници на фајналфор-турнирите во Лигата на нациите идната година. Јубилејното првенство ќе се игра во 12 земји (полуфиналиња и финале во Лондон, на стадионот „Вембли“) и патем ќе одбележи 60 години од првото ЕП во Франција во 1960 година. 


Ристовски: Подготвен сум да го дадам максимумот

По санирањето на повредата на стапалото, во репрезентацијата се врати одбранбениот фудбалер Стефан Ристовски, кој не настапи на минатите мечеви против Израел и Летонија.
– Не сум 100 отсто подготвен, тренирам само една недела. Но за репрезентацијата секогаш сум подготвен да го дадам максимумот. Добро е што имаме шанси за да се вмешаме во трката за висок пласман, но прво треба да се фокусираме за мечот со Словенија, а потоа ќе размислуваме за Полска – вели Ристовски.