Експертски тим од „Харвард“, од институтот за технологија во Калифорнија „Калтек“ и Универзитетот во Единбург моментно работат на овој проблем, а за таа цел во лабораторија создадоа услови слични како на Марс, за тестирање на аерогелот за стаклената вселенска градина
Научниците веруваат дека откриле начин на кој на Марс може да се создадат услови за живот слични како оние на Земјата, а сѐ што е потребно за тоа е тенок слој посебна материја со која би се покриле планираните површини за изградба на идната вселенска градина. Станува збор за аерогел, една од најлесните тврди материи, која уште се нарекува и „замрзнат чад“ или „син чад“. Тој е многу мал, но има највисока вредност на топлинска изолација. Се работи за силиконска цврста супстанција, која содржи 99,8 проценти воздух.
Се смета дека аерогелот е материјал што е многу добар за изградба на космички бродови, а исто така се користи и како изолациски слој на космонаутските костими и како термичка изолација во авионите. Во иднина би можел да добие уште една примена, бидејќи научниците веруваат дека два или три сантиметри слој од аерогелот ќе може да ги заштити билките и растенијата од суровите услови на Марс, така што ќе се создадат стакларници што би им биле од корист на жителите од идните колонии на Црвената Планета.
Двата најголеми предизвика со кои може да се соочат идните колонисти на Марс се смртоносните температури и сончевото зрачење, кое лесно поминува низ тенката атмосфера и доаѓа до површината на планетата. Температурите во текот на ноќите на Марс се спуштаат и до минус 100 Целзиусови степени, а тоа е смртоносно за секое живо суштество, особено за земјоделските насади.
Експертски тим од „Харвард“, од институтот за технологија во Калифорнија „Калтек“ и Универзитетот во Единбург моментно работат на овој проблем, аза таа цел во лабораторија создадоа услови слични како на Марс за тестирање на аерогелот за стаклената вселенска градина. При експериментот било утврдено дека сончевата светлина лесно поминува низ материјата, дозволувајќи им на растенијата непречено да вршат фотосинтеза. Исто така било откриено и дека материјалот успеал да филтрира 60 отсто од ултравиолетовото зрачење. Покрај тоа, температурата на почвата под аерогелот достигнала до 50 Целзиусови степени, што, според научниците, е доволно за растенијата да преживеат во текот на ледените ноќи.
На овој начин, Марс можеби нема уште долго да остане црвена планета, во иднина би можело да зазелени исто како во играта „Преживување на Марс: зелена планета“ и да добие население, флора, а во далечна иднина можеби и воздух.