СИЛНИ ПОЗИТИВНИ ОДГЛАСИ ПО ОДЛУКАТА НА ВСЕЛЕНСКАТА ПАТРИЈАРШИЈА
Има и против, но македонскиот дух е нескротлив
Долг процес со можни опструкции и многу мудрост во преговорите е дел од следната фаза до конечното признавање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА).
Признавањето на канонскиот статус од Вселенската патријаршија е само прв чекор до крајната цел.
Светиот архијерејски синод (САС) на МПЦ-ОА изрази најсрдечна благодарност до вселенскиот патријарх Вартоломеј за синодалниот акт за канонско и евхаристиско единство на ерархијата на МПЦ-ОА, со еклисиолошкото име со кое се потврдува вековниот црковен континуитет, и најави продолжување на разговорите со Српската православна црква (СПЦ) до уредувањето на конечниот статус на Македонската црква.
На сите ни е јасно, коментираат познавачите на состојбите во православието дека разговорите со СПЦ и со Вселенската патријаршија нема да бидат лесна мисија, ако на нив не се пристапи со мудрост и внимателност.
Иако македонската јавност беше затечена со пријатното изненадување од веста за воспоставување канонско единство на Вселенската патријаршија со нашата црква, сепак, не изостанаа реакциите од нашите соседни православни цркви, како Бугарската и Грчката црква.
Но, два дена по одлуката на Вселенската патријаршија да ја признае МПЦ-ОА за канонска црква, СПЦ официјално се уште молчи.
Српските медиуми, пак, за ова прашање бараат ставови од Руската православна. По првичниот благ став, од одделот за надоврешни црковни односи на РПЦ се посочува многу подиректна позиција во поддршка на СПЦ.
Сепак, успехот што се случи со одлуката на Вселенската патријаршија покажа колку е исправен патот по кој генерации владици одеа изминативе пет децении, борејќи се за својата вистина дека Македонската црква е канонска и жива црква. Трпеливоста постојано да се зборува за својата вистина триумфираше по 55 години одејќи по трнлив но висгински пат.
Познавачот на состојбите во православието Бранко Ѓорѓевски смета дека МПЦ-ОА допрва ја очекува тежок период, бидејќи, како што покажува и примерот со Украинската православна црква, не сите го поддржале нејзиното признавање за канонска црква.
Линк до обравената содржина:
Има и против, но македонскиот дух е нескротлив