Бројни љубители на хорор-филмот „Кутија за птици“ на „Нетфликс“, се обидуваат да ги повторат маките со кои се соочуваат главната хероина Малори (ја толкува Сандра Булок) и нејзините две деца, додека со превез преку очите се обидуваат да стигнат на безбедно, без да го видат суштеството што ги тера луѓето на самоубиство, пренесува магазинот „Тајм“.
Во рамките на предизвикот „Кутија за птици“, љубителите на филмот носат превез преку очите, исто како и Малори и нејзините деца, додека едно лице ги води, како што е случајот во хоророт. Бројни снимки од луѓе кои го изведуваат предизвикот се појавија на социјалните мрежи и на Јутуб, откако почна прикажувањето на филмот во декември, минатата година.
Одејќи без да гледаат, ги доведува учесниците во предизвикот во ризик од повреди, па компанијата „Нетфликс“ затоа апелира до публиката да не поминува низ страдањето со кое се соочуваше Малори.