Четворица астронаути се вратија на Земјата по мисијата на Интернационалната вселенска станица (ИСС) во првото ноќно слетување на НАСА по 53 години, пренесуваат светските медиуми.
Екипажот составен од тројца астронаути на НАСА и еден од јапонската агенција за вселенски истражувања (ЈАКСА) помина речиси шест месеци во вселената.
Тие се вратија со капсула „Кру Драгон“ на „Спејс екс“ и слетаа во вода во близина на Флорида, во 8.56 часот утринава. Тие требаа да ја напуштат ИСС порано, но нивното заминување беше одложено поради неповолните временски услови на Флорида.
НАСА соопшти дека во тек е извлекувањето на капсулата надвор од водата. Астронаутите ќе поминат низ медицински прегледи пред нивниот лет од Пенсакола на Флорида до Хјустон во Тексас.
Последниот екипаж на НАСА кој имаше ноќно слетување на Земјата беше оној на „Аполо 8“ кој ја изведе првата мисија на Месечината, враќајќи се на 27 декември 1968 година.
Во ИСС моментно има седум астронаути.