Облаци од чад се издигнаа од Станицата за воздухопловни сили на Кејп Канаверал во недела, откако тест на моторот предизвика дефект на ракетата „Драгон 2“ на „Спејс екс“, предизвикувајќи одложување на закажаните летови со екипаж на компанијата на Илон Маск, пренесува „Тајм“.
Од „Спејс екс“ во изјава за „Флорида тудеј“ истакнаа оти дефектот и предизвиканиот чад од моторот на ракетата биле последица од некаква „аномалија“.
– Направивме серија тестирања на моторот. Првичните тестирања поминаа добро, но крајниот тест резултираше со аномалија на пистата за тестирање, пишува во соопштението на „Спејс екс“.
Тие не дадоа подетално објаснување за што точно станува збор. Фотографиите направени на плажата во близина на Флорида покажуваат издигање на облаци чад од Кејп Канаверал.
Ракетата „Драгон 2“ ги заврши првите безекипажни тестови во март, доближувајќи го моментот за летови со екипаж поблиску. „Спејс екс“ се подготвуваа да испратат пилоти на НАСА со „Драгон 2“ во јуни, но не информираа дали ваквата „аномалија“ ќе влијае на нивниот план.
– Да се осигуриме дека нашите системи ги исполнуваат ригорозните стандарди за безбедност и откривањето аномалии како оваа што се случи пред полетување на нашата ракета се главните причини зошто ги правиме тестирањата. Нашиот тим работи на истрагата со нашите партнери од НАСА со цел да откриеме каде е проблемот, известуваат од „Спејс екс“.