Надлежните служби вршат увид во ковид-болницата во Тетово која целосно изгоре во синоќешниот пожар, како што се забележува на фотографиите на фоторепортерот на „Нова Македонија“ Игор Бансколиев, сликани утринава.
Министерството за здравство информира дека во вчерашниот пожар во тетовскиот ковид-центар загинаа вкупно 14 лица. Во ковид-центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти, со што останатите 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност. Нема настрадани здравствени работници, додека неколкумина се со полесни повреди.
– Обвинителите издадоа наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, а се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал – велат од обвинителството.
До раните утрински часови обвинителите ги сослушувале вработените во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот. Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан.