Мурал или ѕидното сликарство означува монументална композиција направена на ѕид, таван или некоја друга голема изѕидана површина.

Како составен дел на ѕидната површина оваа уметничка композиција во себе ги обединува елементите на сликата и архитектурата.
Муралот е првиот облик на сликaрството. Историјана на муралите е врзана со историјата на човештвото. Првите мурали се пештерските слики на праисторискиот човек.

Уметничкиот врв во Европа муралот го достигнува во ренесансата. Најпознат пример се фреските од Сикстинската капела во Ватикан, насликани во 15 и 16 век од повеќе уметници.
Во 20 век темата на муралите од религиска се враќа на секојдневието и најчесто се сликаат по фасадите на објектите.
Муралот не е графит. И муралот и графитот се облик на современата улична уметност но се разликуваат по значењето, техниката на изработка, уметничкиот квалитет.

Графитот го искажува мислењето на авторот за некоја тема преку чкртаници, знаци и изреки напишани на ѕидот и најчесто е илегален.
Муралот е вид на концептуална уметност, слика врз целиот или поголемиот дел на ѕидот и има своја естетска вредност.

Но и графитите и муралите имаат за цел да го привлечат вниманието на случајните минувачи и барем за миг да ги замислат.
Еден од постарите мурали во Скопје е создаден за рекламни цели за една пивница пред дваесетина години. Кога завршило времето за платената реклама, станарите се договориле да ги избришат само маркетинг слоганите а да остане сликата. Муралот го прикажува централниот плоштад на Скопје пред земјотресот.


Поголемо ангажирање е забележано последните 3-4 години со активна поддршка на градската власт. Како медиум привлечен за младите, повеќе основни училишта и објекти од културата добија украсени фасади со мурали.
Во галеријата се дел од муралите од централното подрачје на Скопје. Онаму каде што е познато наведени се и авторите и годините на создавање.