Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската академија на науките и уметностите в година, во соработка со сите други општествени фактори, ќе пристапи кон изработка на Националната стратегија за развој на Македонија во следните 20 години, информираше претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев

Во однос на состојбата со Академијата, Коцарев рече дека МАНУ денес е само слика на она што се случува во образованието, науката и уметноста, па затоа е целосно маргинализирана институција, доведена до работ на опстојувањето, со недоволно вработени на клучни места, неопходни за непречено институционално дејствување во делот на административната дејност и со вработени кои имаат најниски плати во однос на сите други вработени во јавните институции во државата.

Сепак, како што напомена, без разлика на негрижата за „храмот на науката и уметноста“, бројот на научноистражувачки и уметнички проекти, финансиски поддржани од меѓународни институции, според индикаторот, поделен со вкупниот број академици и вработени во МАНУ, Академијата е меѓу водечките научни и образовни институции во светот.

– Едноставно кажано, МАНУ, иако мала и целосно маргинализирана од владејачките елити во државата, и по квалитетот и по квантитетот, е светски препознатлива институција – додаде Коцарев.

По повод денот на Академијата, по обраќањето на академикот Коцарев, денеска на академиците Павол Жиго и Каролин Снајвели им беше доделено меѓународното признание „Блаже Конески“.