Оваа година имаме повеќе среќници, а не еден среќник, порачаа верниците кои беа во водите на Вардар во Скопје, кога архиепископот Г.г. Стефан го положи светиот крст по повод празникот Богојавление – Водици.
Капачите, по претходен договор, заедно и прегрнати го дочекаа положувањето на крстот, со што годинава немаше традиционално скокање по крстот. Бројот на пријавени капачи кои влегоа во водите на Вардар беше ограничен на 20-тина, поради пандемијата.
– Единство, братство, сплотеност. Крстот ќе биде со сите нас, ние ќе го вратиме во црква и се одрекуваме од сите материјални награди – порачаа учесниците на денешното традиционално осветување на водите на Вардар и положување на Чесниот крст одржано на мостот „Слобода” во Скопје.
Светиот крст кој беше положен во водите на реката Вардар во Скопје, годинава заврши во рацете на Горан Николовски. Градот Скопје на Николовски традиционално му додели икона и златник, кои тој од име на сите учесници ќе ги донира во Соборниот храм во Скопје за добротворни цели.