Пејач со распон од четири октави, ја однесе победата на годинешната Евровизија, во корист на својата земја Австрија- имено, победи Џеј Џеј со песната „Wasted Love“.
Песната е напишана од Јоханес Пич, Теодора Шпириќ и Томас Турнер, а изведена од самиот Пич, под неговото уметничко име Џеј Џеј, со австриско- филипинско потекло.
Роден во Виена, пораснат во Дубаи, студира оперска музика на Унивезитетот за музика и уметност во Виена.
Австрискиот радиодифузер (ORF), интерно го избра својот претставник, кој учествуваше во второто полуфинале и на крај во финалето освои 436 поени, од кои 178 од публика и 258 (најмногу) од жирито, што ја донесе нивната трета евровизиска победа.
Авторката Теодора Шпириќ, позната и како Теја, а порано и како Теа Деви, е австриска пејачка и текстописец со српско потекло. Таа ја претставуваше Австрија на „Евровизија 2023“ година заедно со Салена со песната „Who the Hell Is Edgar?“, завршувајќи на 15. место во финалето.
Од 1957 година досега Австрија учествуваше 56 пати, има три победи: во 1966 година со песната „Merci, chérie“ во изведба на Удо Јиргенс, во 2014 година со песната „Rise like a Phoenix“ во изведба на Кончита Вурст и сега.
Овој пат необична песна, налик на минатогодишната победничка, го заокружи 69. издание на Изборот за песна на Евровизија, кое годинава се одржа во Базел, Швајцарија, по победата на натпреварот во 2024 година на Немо со песната „The Code“.
Организиран од Европската радиодифузна унија (ЕБУ) и радиодифузерот- домаќин Швајцарската радиодифузна корпорација (СРГ ССР), натпреварот се одржа во салата „Сент Јакобс хале“ и се состоеше од две полуфиналиња, на 13 и на 15 мај и големото финале синоќа, 17 мај. Водителки беаХејзел Бругер и Сандра Студер, а во финалето се приклучи и Мишел Хунцикер (позната како поранешна сопруга на Ерос Рамацоти).
Вкупно 37 земји зедоа учество од кои 26 ги слушнавме во финалето.
Јазично шаренило
Јазично шаренило и сѐ повеќе свртување кон мајчиниот јазик, напуштање на англискиот јазик беше одлика на годинашното издание што всушност и го освежи репертоарот. Дури три песни беа испеани на италијански јазик, а вметнувањето на етно елементи во мелодијата и обележја во бои на својата земја на претставниците на Албанија им донесе нескриени симпатии и поддршка од страна на новинарите, кои посакуваа и нивна победа.
Годинава, ограничен број на новинари со акредитации, а фанови веќе и на прсти се бројат.
Организаторот ЕБУ донесе правило дека новинарите се тие кои треба да си ја вршат својата работа и професионално да известуваат за медиумите, додека привилегија за фановите остануваат забавите во „Јуро вилиџ“ и набавка на билети кои беа распродадени онлајн уште пред неколку месеци, а најевтиниот билет за полуфинале изнесуваше од 150 евра нагоре, за финалето двојно поскапо.
Вкупно 14.000 луѓе од секаков потребен профил, (вклучително со новинари), од почеток до крајот, се погрижија за годинешната „Евровизија“.
Обезбедувањето за прв пат беше составено од жени- волонтерки во евровизиски маички со срценца, како препознатлив знак за оваа „Евровизија“ и тоа беше мнмгу симпатично.
Тие воспоставија ред и на големото отворање кое се случи на 11 мај, во Месе во Базел, каде на таканаречен тиркизен тепих од преку два километри, најдолг во историјата на евровизиите фестивали, на дефилето мирно и без поставени барикади, го следеа илјадници и илјадници расположени граѓани. Пред нив, делегациите пристигнуваа со кочии, автомобили, вагони, трамвај, и други интересни превозни средства од некои минати времиња, а оркестри чекорејќи пред секоја делегација изведуваа познати евровизиски мелодии.
Повици за бојкотирање на Израел
На тиркизниот тепих можеше да се забележи транспарент за поддршка на Газа, а пред салата во Месе имаше жени со палестински симболи, кои повикуваа на бојкот на Израел.
Многу љубезни и срдечни, граѓаните на Базел му посакуваа “добредојде” на секој кој беше присутен во нивниот град по повод овој музички настан. Скандали годинава, изостанаа.
А, на големото финале- ниеден од учесниците од Балканот (Србија, Црна Гора, Хрватска Словенија) не влегоа во финале. Македонија не учествуваше, трета година по ред.
За италијанските вредности како „Еспресо и макијато“ песна испеа преставникот на Естонија Томи Кеш, со симпатичен рефрен “Mi amore, mi amore, espresso, macchiato, macchiato, por favore”, кој повеќе од сигурно, сега, откако го опеа најомилениот напиток во светот со италијанско потекло, остава хит зад себе и најверојатно, ќе биде единствената песна која и ќе се продолжи да се пее од оваа „Евровизија“.
А се испеа и уште една весела комична песна за пијалак – Австралијанецот Го Џо пееше за “Милкшејк мен” но не влезе во финале. Видовме по малку и голотија (сепак, помалку од претходните години) како полуразголениот ерменскиот “Херкулес” , Парг кој привлече внимание, жежок ритам од страна на Шпанката Мелоди и танчарите, но и врел танц на танчарската придружба на Гаја од Полска. Таа на екранот леташе и со митолошко суштество налик на летачки змеј.
Молскавично шоу прилагедено на младите генерации
Сѐ на сѐ разни изведби и шоу прилагодено за помладите генерации со многу светлосни ефекти и молскавично менување на сликите, како на брз филм.
„Евровизија“ денес е ТВ шоу преку музика, кое цело време го држи приматот и понатаму останува најгледаниот фестивал на светот. Годинава се реализираше со 21 супер- модерна камера.
Слоганот беше United by music (Обединети од музиката), како и Welcome home (Добредојде дома), алудирајќи на тоа дека фестивалот се врати дома, во Швајцарија, каде за прв пат е и одржан во 1956 година, кога победила нивната претставничка Лис Асија со песната “Рефрен”.
Фаворит за победа од самиот почеток годинава беше Австрија, но и Шведска, Франција и Грција. Преставниците на Сан Марино, иако важеа за едни од фаворитите, на финалниот пласман беа последни.
Еве како изгледаше списокот на освоени места, победник Австрија, па Израел (2 место), Естонија (3), Шведска (4), Италија (5), Грција (6), Франција (7), Албанија (8), Украина (9), Швајцарија (10), Финска (11), Холандија (12), Латвија (13), Полска (14), Германија (15), Литванија (16), Малта (17), Норвешка (18), Велика Британија (19), Ерменија (20), Португалија(21), Луксембург(22), Данска (23), Шпанија (24), Исланд (25), Сан Марино (26).
Селин Дион, како победничка за Швајцарија во 1988 година, иако се претпоставуваше, сепак не се појави на сцената, а небинарниот Немо како минатогодишен победник ја отвори финалната вечер, овој пат со статична изведба, облечен во бел фустан- венчаница со светкави бели каменчиња и шубара. Се појави и во финалето во малку поразголено и попровокативно издание.
По трите фестивалскид енови вчеравечер згаснаа рефлекторите на годинешната 69. „Евровизија“,а в година, јубилејното 70. издание се сели во Австрија.
(Од Базел, Швајцарија, специјално за „Нова Македонија“, Валентина Ѓоргиевска Парго)
Книгата “Golden touch” промовирана на тиркизниот тепих
На тиркизниот тепих првиот чекор го зачекори и евровизиската книга на новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго “Golden touch” (“Златен допир”) која содржи нејзини доживувања од првата „Евровизија“, која што таа ја проследила во 2000. година во Стокхолм,па се досега. Во неа се селектирани нејзините најважни новинарски доживувања и средби, со евровизиски ѕвезди (Џони Логан, Руслана, Сакис Рувас, Хелена Паризу…), автори, новинари, а насловот потекнува од нејзината средба и разговор со првата евровизиска победничка Лис Асија, во Москва во 2009 година. Објавена е како некомерцијално издание.

Првиот примерок на првата прес конференција во Базел го доби директорот на „Евровизија“ Мартин Грин, а ексклузивно беше промовирана на 12. мај, на евровизиското „Еврофанс радио“ со уредниците Ангелос Дадаљас и Такис Фотиу од Атина, кое е следено од милионски аудиториум низ цела Европа, особено за време на „Евровизија“.