Американскиот актер Бил Козби е осуден на затворска казна во траење од три до 10 години поради сексуално злоставување.
– Време е за правда. Господине Козби, се ви се враќа сега. Дојде и тој момент, наведе судијата Стивен О’Нил.
Познатиот комичар беше одведен во лисици од затворот во Монтгомери по пресудата. Пред судницата во Нористаун, Пенсилванија беа собрани демонстранти кои бараа правда за жртвите, како и поддржувачи на Козби. Судењето го следеа повеќе жртви на нападите на обвинетиот меѓу, кои беше супермоделот Џенис Дикинсон. Повеќе од 60 жени го обвинија Козби за сексуален напад.
Судијата додаде дека актерот познат под прекарот „таткото на Америка“ ќе биде класифициран како „сексуално насилен предатор“, односно ќе биде регистриран како сексуален престапник до крајот на животот со обврска да оди за лекување и советување, и известување на заедницата каде живее дека „тука живее сексуално насилно лице“. За тоа ќе бидат известени соседите, но и школите и детските установи.
Бил Козби (81) беше осуден во април за силување на Андреа Констанд во неговата куќа во предградие на Филаделфија во 2004 година. Адвокатите на Козби бараа да биде осуден на домашен притвор, поради неговата возраст.