Учесниците во движењето „Петоци за Иднината Скопје“ излегоа на протест одржан пред Владата, солидаризирајќи се со глобалниот настан за спречување на глобалното затоплување и климатските промени чиј иницијатор е младата шведска активистка Грета Тунберг.
„Петоци за Иднината Скопје“ ќе организира настани за зголемување на свеста за еколошката криза во текот на целата „Недела за Иднината“. Целта на денешниот протест беше испраќање на порака до Њујорк, каде што исто така ќе се одржи протест, пред седиштето на ОН, во пресрет на големиот самит за климатски промени закажан за викендов.
Младите во Македонија на овој начин сакаат да порачаат оти се свесни дека климатските промени претставуваат најважно прашање на 21-от век, и дека најмладите генерации се тие кои ќе бидат жртвите на одложувањето на неговото решавање.