Повеќето добитници на наградите им се заблагодаруваат на своите најблиски или на колегите, но лауреатите на 71-то издание на наградите „еми“ ја искористија приликата за да пренесат силни пораки.
Ѕвездата на „Игра на тронови“ Питер Динклиџ (најдобра споредна улога во драмска серија) одржа емотивен говор посветен на заедницата на луѓе со џуџест раст.
– Се чувствувам среќен што сум припадник на заедница која се залага за толеранција и прифаќање на различностите – кажа Динклиџ.
Мишел Вилијамс (најдобра актерка во мини-серија) ја искористи приликата за да укаже на прашањето за нееднаква платеност помеѓу актерките и актерите со кoe се соочува Холивуд.
Алекс Борстајн која го доби признанието за најдобра споредна улога во комична серија и оддаде почит на нејзината баба која го преживеала холокаустот. Патриша Аркет (најдобра споредна улога во мини-серија), пак, и одаде почит на нејзината почината сестра Алексис, која беше една од првите трансродни активисти во Холивуд.
На доделувањето американските телевизиски награди, кои се сметаат за телевизиски еквивалент на „оскарите“, во „Мајкрософт театарот“ во Лос Анџелес, осмата сезона на култната „Игра на тронови“, која имаше вкупно 32 номинации, ја понесе главната награда, за најдобра телевизиска драма.
Серијата „Флибег“ со Фиби Волер Бриџ, пак, ги собра повеќето награди во делот за комични серии. Најдобар актер во комедија е Бил Хедер („Бери“). За најдобар актер во жанрот драма е прогласен Били Портер („Поус“), а за најдобра актерка – Џоди Комер („Килинг Ив“).
Најдобра мини-серија е „Чернобил”.