Постојаната поставка во Музејот на холокаустот беше свечено отворена вчера, а по повод сеќавањето на 7.144 македонски Евреи жртви на холокаустот, кои пред 76 години беа присилно собрани во просториите на тогашниот Монопол и испратени во логорот на смртта Треблинка.
Според претседателката на Еврејската заедница во Македонија, Берта Романо Николиќ, постојаната поставка сместена во Музејот на холокаустот е заеднички дом на сеќавањата на македонските Евреи кои беа однесени во логорите на смртта во Треблинка, храм на светлината на човековата душа.
– Македонскиот и еврејскиот народ се мали по број, но истрајни, заедно доживувајќи ја неповтортливата големина на своето минато, страдајќи илјадници години заедно, но никогаш не ја изгубиле својата национална свест и својот дух. Заедничкиот живот создава историја на почит и на разбирање. Целта е да се информира, прибележи долговечноста на историјата на Евреите на Балканот, особено на овие простори. Нашата кула на сеќавањата продолжува со концептуалниот развој на настани од периодот на холокаустот. Светлината ќе ги заслепи најмрачните страници од историјата на 20-от век во Европа – вели Романо Николиќ.
Во постојаната поставка во Музејот на холокаустот, почесно место ќе заземе и Тората стара над 500 години, која сефардските Евреи ја донеле со нив на нивниот егзодус од Шпанија во Македонија. Тората е книга која ја раскажува приказната за историјата на Евреите и се смета за закон и основа на нивната севкупна етика.