Архимандритот Партениј денеска е хиротонисан за нов епископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, со празнична Божествена литургија одржана во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.
Отец Партениј ќе биде викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија, со титула „Епископ Антаниски”, а истовремено ќе ја задржи и својата должност игумен на Бигорскиот манастир каде што ќе биде и неговото постојано седиште. Предлогот Отец Партениј да биде прогласен за епископ даден од неговиот надлежен архиереј, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, беше едногласно прифатено од сите членови на Синодот на МПЦ-ОА.
Новоназначениот митрополит Партениј истакна дека да се биде епископ значи да се биде прв во одговорноста и во служењето на другите за добро, а не во превласта, во првата пристапна беседа пред верниците.
Поглаварот на МПЦ-ОА, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан истакна дека епископите во црковната традиција се наречени приемници на апостолите и продолжители на нивното дело, со што се истакнува важноста на службата и високата мисија на оние удостоените на тој чин, во обраќањето до верниците по повод оваа свеченост.
Бројни верници дојдени во Охрид за да бидат дел од свеченоста, упатија честитки за новоименуваниот Епископ Антаниски.
Настанот се одржа со засилени мерки за спречување на ширење на коронавирусот и за посетителите беа обезбедени заштитни маски, а истовремено се водеше сметка за препораката за одржување социјална дистанца. Црквата „Света Софија“ беше целосно дезинфицирана пред почетокот на церемонијата.