Нуркачкиот центар „Амфора“ и клубот за подводни дејности „Охрид“ веќе 18 години традиционално на уникатен начин ја наговестуваат новата година и божиќните празници со китење елка под вода.
Во услови на пандемија, учесниците во акцијата годинава одлучија да не се зголемува бројот на нуркачи на едно место, при што беа формирани групи од 3-4 членови кои нуркаа на три различни локации на Охридското Езеро, и тоа во Заливот на Коските, Трпејца и Св. Наум кај изворите.
– Им ја честитаме новата 2021 година на сите граѓани на Република Македонија, а како и секоја година па така и оваа, овој ден го посветуваме на децата со ретки болести со желба за подобро здравје и лесно надминување на потешкотиите – се вели во честитката на „Амфора“.