Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска се сретна со премиерот на Република Грција Алексис Ципрас, кој е прв грчки премиер што престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, соопшти собраниската служба за информирање.
На средбата присуствуваа Атанасија Анагностопулу, алтернативен министер за надворешни работи на Република Грција и амбасадорот Димитрис Јанакакис, како и Ирена Стефоска, претседател на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Република Грција и Андреј Жерновски, заменик-министер за надворешни работи во Владата на Република Северна Македонија.
-Џафери, оценувајќи ја средбата како историска, упати честитки до Ципрас и Заев за храброста и за преземените чекори со кои се надмина деценискиот спор меѓу двете држави и на тој начин се отвори патот за евроатлантска интеграција на Република Северна Македонија, стратешка определба на државата и мнозинството нејзини граѓани – се вели во соопштението.
Како Парламент, Џафери посочил дека ги поддржуваат сите напори за преточување на договорната соработка во конкретни проекти, кои очекува да добиваат на интензитет во иднина.
Тој укажа на фактот дека по стапувањето на сила на Договорот од Преспа, се воспоставува правна рамка која ќе овозможи парламентарна соработка на сите основи и во таа насока ги информираше присутните за упатената покана до неговиот колега Николаос Вуцис да оствари билатерална посета на Република Северна Македонија, како и за упатеното барање до грчка страна за формирање на група за пријателство во Грчкиот парламент со Собранието на Република Северна Македонија.
-Премиерот Ципрас, заблагодарувајќи се за дадената поддршка истакна дека во изминатиот период се донесоа големи одлуки и се преземаа големи чекори, и во тој контекст, му честиташе на Џафери за смиреноста во водењето на институционалната постапка во однос на Договорот од Преспа, што го оцени како тежок процес и за Собранието на Република Северна Македонија и за Парламентот на Грција, се посочува во соопштението.
Ципрас изрази жалење за тридецениската празнина меѓу двата парламента и искажа очекување дека Договорот отвора можност за пополнување на таа празнина.
Тој го информираше претседателот Џафери за прифатената понуда од страна на претседателот на Парламентот на Грција Николаос Вуцис и изрази надеж дека истата наскоро ќе биде реализирана.
-Исто така, изрази поддршка на формирањето на група за пријателство во Грчкиот парламент, која ќе овозможи размена на идеи и искуства и зближување меѓу пратениците од двете држави, што ќе придонесе за зближување и на граѓаните од двете земји. Премиерот Ципрас упати особени честитки до коалиционата влада и особено до претседателот Џафери како претставник на албанскиот елемент во земјата за соодветното претставување на неговите интереси, како и во однос на можноста за користење на албанскиот јазик како официјален јазик во Собранието на Република Северна Македонија, се вели во соопштението од собраниската прес-служба.
Владата на Република Грција, нагласил Ципрас, презема чекори за поддршка на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, бидејќи верува дека тоа е патот кој ќе обезбеди мир и стабилност што е важно и за народите на овие земји.
Тој го увери претседателот Џафери дека Грција ќе даде сериозна поддршка и ќе биде партнер од доверба во остварувањето на стратешките цели на Република Северна Македонија.
Во однос на евроинтегративните процеси, претседателот Џафери упати благодарност за можноста земјата да стане членка на Јадранско-јонската иницијатива и за овозможениот премин во втората фаза на Процесот за стабилизација и асоцијација и го информираше соговорникот за заокружувањето на реформските активности на Собранието во однос на Планот 18, по што се очекува земјата да добие и конкретен датум за почеток за преговори за членство во ЕУ во јуни оваа година.
Двајцата соговорници ја изразија поддршката за претстојните процеси во однос на донесување на потребната регулатива за примена на проектите кои произлегуваат од Договорот од Преспа, кои ќе налагаат максимална поддршка од страна на двата парламента. Успешноста на нивната реализација ќе им овозможи на граѓаните да се уверат во исправноста на претходно донесените одлуки од страна на политичарите на двете земји и ќе ја унапредат соработката во голем број области од заеднички интерес за двете држави и за нивните граѓани.