Пописот не е и не смее да биде политичка операција, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери, во обраќање на работната средба организирана од Државниот завод за статистика. Тој кажа дека не сака да навлегува во дискусија на различните толкувања дека пописот нема да биде статистичка, туку политичка операција.
– Не сакам да навлегувам во дискусија во однос на различните толкувања во однос на тоа дали кај нас, оваа најмасовна, најобемна и најскапа статистичка операција која насекаде во демократски развиените земји е само тоа, статистичка операција, без никаква друга позадина, кај нас се гледа од една поинаква призма, политичка. Дали е тоа така, зошто е тоа така, што доведе до тоа да во нашата земја, секоја постапка, секоја иницијатива, секоја вообичаена законска обврска се гледа низ политичкиот објектив, мислам дека нема да биде воопшто продуктивно и целисходно да зборувам сега за тоа. Затоа што за правата и обврските имаме Устав, имаме важечки закони, имаме ратификувани меѓународни декларации. И затоа, во едно сум убеден и на тоа ќе инсистирам, пописот не е и не смее да биде политичка операција – рече Џафери.
Тој кажа дека резултатите од пописот ќе бидат одлична основа за донесување на закони и развојни политики засновани врз прецизни податоци кои ќе бидат од директна полза на граѓаните. Според него, пописот ќе овозможи рамномерно распоредување на јавните здравствени установи, училишните, спортските и културни центри.
– И затоа почитувани присутни, во овој контекст, од исклучителна важност е секој еден чинител во операцијата наречена попис, да ја сфати неа со должна почит и сериозност и така и да пристапи, почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, од инструкторите, попишувачите и последните, меѓутоа најважните, граѓаните – рече Џафери.
Тој апелира до граѓаните да дадат поддршка на лицата ангажирани за пописот, да даваат точни податоци за присутните и отсутните членови на семејствата, да не се обидуваат да дадат неточни податоци затоа што, како што рече, давањето на лажни податоци, освен што е дело казниво со закон, на овој или оној начин, повторно ќе ни се врати на нас самите, како бумеранг.
– Да смогнеме сили, да го оставиме настрана нашето себично размислување и да се издигнеме над ситуацијата, да ги прифатиме резултатите од пописот и да се поместиме веќе еднаш од таа мртва точка на која сме заглавени со нашиот анахрон ментален склоп за да не дојде ред да правиме попис на иселени и преостанати жители во Република Северна Македонија. Се надевам дека месец април ќе биде потврда за тоа дека сме созреале како држава, после цели 20 години и дека сме спремни да бидеме полноправна членка на Европското семејство во блиската иднина – рече Џафери.